Српската премиерка, Ана Брнабиќ, во Москва потпиша договор за слободна трговија меѓу Србија и Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) и нејзините земји членки – Русија, Казахстан, Белорусија, Ерменија и Киргистан.

Со потпишувањето на договорот, Србија ќе може да извезува речиси 100 проценти од производите без царини, јавува РТС.

Меѓу другото, станува збор за извоз на 2.000 тони цигари, 400 тони кравјо сирење, неограничен извоз на овчо и козјо сирење, како и овошна ракија, 90.000 литри вино.

Според договорот, кој е потпишан денес, останува царината на извозот на автомобили од Србија.

Со потпишувањето на договорот, Србија нема да стане членка на Евроазиската економска унија бидејќи членството не беше тема на преговорите што се водеа од 2016 година.

Минатата година размената на Србија со овие пет земји членки на Евроазиската унија изнесувала 3,4 милијарди долари. Стока во вредност од 1,1 милијарда американски долари била извезена од Србија, а увезени се производи во вредност од 2,3 милијарди американски долари.

Претседателот Александар Вучиќ претходно изјави дека договорот е важен за Србија и нејзината економија и дека ја зајакнува довербата.

Евроазиската економска унија е основана на 1 јануари 2015 година на идеја на рускиот претседател Владимир Путин. Домашниот бруто-производ во ЕАЕУ е 1,9 трилион американски долари или 3,2 проценти од светскиот БДП, а невработеноста е 5,4 проценти, додава РТС.