Грчкиот парламент донесе закон со кој се воведуваат нови, построги процедури за добивање азил. Законот вклучува построги политики за притвор за оние што влегуваат во земјата и бараат азил во Европската Унија. Исто така, се шират плановите за депортирање на мигрантите во нивните матични земји, објави Радио Слободна Европа.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, во дебатата во парламентот, изнесе детали за новиот систем за азил.

– Отсега секоја апликација треба да се разгледува во рок од шест месеци, наместо девет, како што беше до денес. И решението треба да му се даде на засегнатото лице во рок од 10 наместо 20 дена. Но ако во меѓувреме барателот не соработува со надлежните и замине од земјата без дозвола, барањето автоматски ќе се прогласи за неосновано и ќе биде кандидат за депортирање – објасни Мицотакис.

Мицотакис додаде дека новиот систем „го поедноставува и скратува доделувањето азил на вистинските бегалци“ и им дава приоритет на ранливите групи луѓе.
Новите процедури беа критикувани од комесарката на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ.