БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

Спогодбата на лидерите на политичките партии во Босна и Херцеговина за формирање нов совет на министри на БиХ, со посредство на специјалниот претставник на ЕУ, амбасадорот Ларс Гунар Вигемарк, е важен чекор напред за земјата и за нејзините граѓани, соопшти портпаролката на ЕУ Маја Коцијанчич. Таа додаде дека за да се задржи ваквиот позитивен тренд ЕУ очекува од лидерите да овозможат редовно функционирање на сите институции за да се спроведат неопходните реформи.
На завчерашниот состанок во Сараево во организација на Мисијата на ЕУ во БиХ, лидерите на политичките партии во таа земја постигнаа договор за формирање совет на министри и потпишаа принципи за формирање власт на ниво на држава.

– Со оваа одлука ќе се деблокираат Претставничкиот дом и Домот на народите, и ќе се создадат услови за работа на заедничките институции на ниво на БиХ – изјави српскиот член на Претседателството на земјата Милорад Додик. Тој посочи дека дал целосна поддршка на договорот, бидејќи не било лесно да се преговара.

Како што пренесува Фена, во договорот има 12 принципи, меѓу кои рамка за понатамошна соработка со НАТО, деблокирање на работата на Парламентарното собрание на БиХ и формирање нов состав на советот на министри во следните 30 дена. Во третата точка е договорено БиХ да го продолжи патот кон НАТО, без прејудицирање на идните одлуки во врска со членството. Нагласено е дека за прашањето за НАТО ќе продолжат соработката и продлабочувањето на односите со Алијансата со почитување на Уставот и претходните одлуки на Претседателството и Советот на министри. Во случај на неименување совет на министри во следните 30 дена, овој договор е ништовен.

Водечките партии во ФБиХ неколку месеци по последните парламентарни избори не можеа да се договорат околу новиот состав на советот на министри на БиХ.