Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска соопшти дека е постигнато компромисно решение за кризата на северот на Косово и дека единиците на косовската специјална полиција ќе се повлечат до 16 часот на 2 октомври.

Вучиќ рече дека отстранувањето на барикадите од преминот ќе започне истиот ден.

Претседателот на Србија потврди дека српската страна во Брисел го прифатила, како што објави ЕУ, компромисниот предлог за деескалација на ситуацијата на северот на Косово.

„Предвидено е повлекување на РОСУ и тоа е показател дека во иднина ваквите постапки на Албанците ќе наидат на отпор од српското население. Враќањето на КФОР во согласност со резолуцијата 1244 е значајно и покажува дека е можно да се обезбедат безбедносни гаранции за Србите“, нагласи Вучиќ.

Тој посочи дека нема да има отстранување на српските регистарски таблички, односно наплата за привремени РКС таблички.

Вучиќ пренесе дека, според точка 1, двете страни во Брисел се согласиле РОСУ да се повлечат од Јариње и Брњак, заедно со отстранување на барикадите на 2 октомври во 8 часот наутро, а РОСУ да се повлече најдоцна до 16 часот истиот ден.

Исто така, КФОР ќе ги распореди своите сили пред Јариње и Брњак и ќе остане околу две недели за да ја осигура безбедноста и слободата на движење.

Според точка два, од 8 часот наутро на 4 октомври ќе се воспостави налепница, односно режим на налепници, како привремена мерка до конечно решение, кое е одложено за некое време, а за кое допрва ќе се разговара во Брисел.

„Тоа го сметам за голем успех на нашата страна“, рече Вучиќ.

Исто така, како точка 3, била договорена Работна група, која ќе се состои од претставници на ЕУ, Белград и Приштина, која ќе бара трајно решение за регистарсгите таблички на возилата, врз основа на европските стандарди и практики.

„Првиот состанок ќе биде на 21 октомври, а за шест месеци Работната група ќе ги претстави своите наоди и конечното решение за највисокото ниво на формат на дијалог. Тоа е она што е постигнато“, објасни Вучиќ.

Недостатоците на договорот, според српскиот претседател, се дека до конкретно решение ќе се дојде во период од околу шест месеци.

„Ние сме тие што им го воведовме режимот на налепници, тие не можат да воведат пробни таблички, но ќе стават налепница на српскиот грб и нема никакви трошоци“, објасни Вучиќ.

Друг недостаток е што договорот овозможува користење на српски регистарски таблички, но реално тоа ќе биде можно само на северот на Косово.

„За Србите во остатокот од Косово, сепак, тоа не е толку проблематично, бидејќи секој веќе има таблички КС“, посочи тој.