Рускиот аналитичар Виктор Колбановски, директорот на Балканскиот центар за меѓународна соработка и член на партијата Единствена Русија, наведува дека косовскиот конфликт сега го зазема посебното место во сферата на националните безбедносни интереси на Руската Федерација и со руското воено присуство во Србија може да се спречи военото заострување.

– Тоа што состојбата на Балканот беше ставена на дневен ред на заседанието на Советот за безбедност на РФ, кое е одржано на 17 декември, сведочи дека регионот влегува во фокус на интересите на руската национална безбедност – пишува рускиот експерт за руската информативна агенција ЕАДејли.

Покрај воено-политичкиот проблем, поврзан за ширењето на НАТО на Балканот, военото заострување на косовскиот конфликт ќе доведе до масовен прилив на бегалци, зголемување на активностите на терористичките и екстремистичките групации, како и до зголемен промет на наркотици. Со провоцирање крвав хаос на Балканот, што може да доведе до распад на самата Европска Унија, Американците најверојатно сакаат да им дадат лекција на сопствените сојузници, кои не го следат секогаш американскиот курс и да ги утврдат своите позиции како континентален полицаец на Европа.

Одлуката за трансформација на Косовските сили на безбедност во полноправна косовска армија, која е воведена под покровителство на САД, со полна пареа го заврти замаецот на заострување на косовскиот конфликт. Засега, сѐ уште, не постои можност да се спречи директен судир на српските војници со косовските Албанци. Поради тоа е неопходно формирање воено-стратегиски партнер, кој на секои оружени провокации на косовско-албанските сепаратисти ќе наидат на одлучен одговор од српската армија.
Основниот проблем се состои во американската воена помош на Приштина, а можно е во директниот конфликт, НАТО да застане на страната на косовските Албанци, што веќе се случи во 1999 година. Во такво негативно сценарио на развојот на настаните српската армија нема да биде во состојба да излезе на крајот со воените задачи во одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата. Сепак, од оваа опасна состојба постои излез, што ќе го сведе на минимум веројатноста за директна воена интервенција на САД и на НАТО во потенцијално можниот регионален конфликт.

Превентивниот пристап се состои во поставување руски воен контингент на територијата на централна Србија, кој ќе ја осигури оперативната контрола на состојбата и помош на српските војници со модернизација и техничко осовременување на оружените сили на Србија. Американската воена база Бондстил, која се наоѓа на косовска територија, претставува ударна тупаница на косовските Албанци, вели рускиот аналитичар Виктор Колбановски. Руското воено присуство на Србија може да ѝ обезбеди во регионот воен партнер, кој при раширување на воениот конфликт може да има негативни последици за самите оние што го распламтуваат воениот судир. Создавањето на воениот баланс во Србија е неопходен како појдовна точка за натамошна деескалација на косовскиот конфликт, како и заштита на српските граѓани, кои живеат на Косово.

Надворешната политика на ЕУ, со поддршка на САД и на НАТО, инсистира раководството на Србија да потпише договор со Приштина за сеопфатна нормализација на односите, која би била основа за прием на Косово во НАТО, во ЕУ и во другите меѓународни организации.

Движењето на Белград во зоната на западните барања предизвикува раскол во српското општество и огромно незадоволство во Српската православна црква.
Сите овие внатреполитички околности претставуваат неповолен фон за посета на претседателот на Русија Александар Путин на Белград. Сепак, во сегашната ситуација може да дојде до кардинално рестартирање на односите ако официјален Белград одлучно отстапи од потпишување на каков било вид сепаратни договори со косовските Албанци и официјално ѝ се обрати на Москва со молба за давање воена помош, вклучувајќи и поставување руски воен контингент во Србија заради обезбедување безбедност на земјата и регионот, наведува во својата анализа Колбановски.