Францускиот претседател и еден од најважните европски политичари, Емануел Макрон, доаѓа во работна посета на Хрватска, пишува „Јутарњи лист“. Иако точниот датум сѐ уште не е договорен, посетата треба да се случи во текот на октомври или ноември, дознава „Јутарњи лист“ од висок извор во Министерството за надворешни и европски работи.

Пристигнувањето на Макрон, од перспектива на официјален Загреб, е доказ за засилените врски меѓу Франција и Хрватска, што можеби може да се опише како стратешко партнерство, особено откако хрватските воздухопловни сили одлучија да купат борбени авиони „Рафале“, пишува весникот.

Според близок соработник на премиерот Андреј Пленковиќ, хрватско-француските односи се подобруваат, иако тоа во почетокот не беше случај.

– Во раните 1990-ти, тогашниот претседател Франсоа Митеран ја поддржа српската страна во војните во поранешна Југославија, но Жак Ширак и премиерот Ален Жуп водеа поизбалансирана политика. Сега имаме многу добри меѓудржавни односи, делумно поради блискоста меѓу премиерот Пленковиќ и претседателот Макрон – пишува весникот.