Претседателот на Франција, Емануел Макрон, со посетата на Србија сака да испрати неколку пораки и да покаже дека е значаен играч на светската политичка и безбедносна сцена, пишуваат белградските медиуми во пресрет на средбата со српскиот колега Александар Вучиќ.

Една од темите за кои ќе се разговара на највисоко државно ниво е можноста Франција во иднина поинтензивно да се вклучи во решавањето на косовскиот проблем. Дневниот весник „Блиц“ пишува за тоа дали Србија може да влезе во Европската Унија пред 2018 година, дали ќе се донесе нов план за притисок на Приштина, дали ќе се повлечат царините за српските производи, како за можноста да се унапредат економските врски и соработката во областа на безбедноста и во културата.

Од посетата на Макрон на Белград српската јавност има големи очекувања. „Политика“ пишува дека средбата со Вучиќ е еден од најважните надворешнополитички состаноци, а последен француски претседател што ја посетил Србија бил Жак Ширак, во декември 2001 година. Посебно значење е тоа што пристигнува и група на француски стопанственици, што значи дека економијата ќе биде важен дел од билатералните разговори, а најавено е и потпишување на 20 договори за соработка во повеќе области.

Соговорниците на телевизијата Пинк нагласуваат дека од посетата на Макрон не треба да се очекува многу во однос на прашањето за Косово, а разговорите на оваа тема ќе се сведат само на размена на информации.

– Франција нема да направи дисконтинуитет во однос на претходната политика. Може да биде лута на Приштина, но има голем простор до свртување од надворешната политика. Тоа нема да го направи. Големите сили нема да признаат дека погрешиле – вели политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ.

Пратеникот Александар Чотриќ смета дека Франција, која изгубила од економската, политичката и воената моќ, сѐ уште претставува незаобиколна сила и значаен партнер на Србија.

Макрон ќе пристигне во Србија со 100 припадници на француските безбедносни сили, а меѓу нив се и поранешни легионери.