Хрватскиот приморски град Пореч само за годинава, со повеќе од 30 европски проекти, ќе повлече повеќе од 550 милиони куни

Хрватска минатата година од европските фондови повлекла речиси 2,7 милијарди куни помалку од планираните проекции на Владата, што беше и причина за ребалансот на буџетот и за корекции на прогнозите за оваа година. Ставката за приходите од европските фондови беше позиционирана на 13,6 милијарди куни. По предлогот за намалување на планираните приходи за 2,65 милијарди куни, новата коригирана вредност за приходите од благајната на ЕУ за 2018 година изнесуваше нешто повеќе од 10,9 милијарди куни. Како причина за ова од Министерството за финансии на Република Хрватска беше наведена „изменетата динамика на повлекување на средствата од фондовите на ЕУ“.

Потпретседателот на Владата и министер за земјоделство Томислав Толушиќ кон крајот на минатата година даде оптимистичка изјава дека европските пари што ѝ се на располагање на Хрватска треба да се повлечат до 2023 година. Тој појасни дека во ресорот земјоделство досега биле распишани конкурси за околу 85 отсто од расположливите алокации, од кои се договорени 60 отсто, а околу 30 отсто веќе се исплатени.

– Годинава во земјоделството ќе бидат искористени околу четири милијарди куни од планираните 4,5 милијарди. Не мислам дека тоа е мал износ. Имаме рок до 2023 година, но се надевам дека до 2020-та ќе ги договориме сите проекти, со кои ќе се искористат целосно одобрените средства за Хрватска – изјави Толушиќ.

Како што пишува „Јутарњи лист“, меѓу градовите и регионите во Хрватска што извлекле најмногу средства од ЕУ е Пореч, кој само за годинава со повеќе од 30 европски проекти ќе повлече повеќе од 550 милиони куни. Годинава во овој хрватски град се спроведуваат ЕУ-проекти вредни околу 46 милиони куни, во реализација е и проект од 300 милиони куни, како и дополнителни 110 милиони за наводнување, или вкупно 556 милиони куни.

– Во последно време нема ден да не слушнеме за ЕУ-проектите во Хрватска. Тоа се однесува за висината на средствата што се повлечени или за топ-листа на градови рекордери. Но приказната за европските проекти е многу посложена отколку што изгледа, особено за најразвиените градови во Хрватска, во кои е и Пореч – вели Лорис Першуриќ, градоначалник на Пореч.

Во овој град се спроведуваат или се пријавени проекти од повеќе различни области, од одводнување, земјоделство, градинки, образование, грижа за млади и стари лица, од култура, спорт до заштита на човековата околина. Најголем, според поединечната одобрена вредност, е ЕУ-проектот „Пореч“, каде што моментално се градат четири прочистителни станици.