Поранешниот американски амбасадор во Белград, Вилијам Монтгомери, стравува дека може да дојде до нови конфликти на Балканот, имајќи предвид дека, како што рече, ниту еден од проблемите во овој регион не е решен, туку само тој веќе не е во центарот на светското внимание.

Монтгомери потсети дека во 90-тите балканскиот регион бил главното место во светот кон кое било насочено вниманието на американското раководство, а денес, вели тој, тоа веќе не е случај.

Дипломатот во пензија не верува дека државите можат сами да ги решат проблемите, бидејќи, според него, чувствата се многу разбранувани од сите страни.

И покрај тоа, откако се пензионирал, Монтгомери и неговата сопруга избрале да живеат во оваа област.

Тој вели дека Балканот е во неговата крв и тврди дека ги разбира локалните жители и нивните национални чувства.

Монтгомери, како гостин во емисијата „1 на 1“ на хрватската телевизија, рече дека смета оти Европската Унија не дава соодветна помош и поддршка која е потребна за целиот балкански регион. Тој е убеден дека ова ќе се случи, но ќе треба време.

Нагласи дека на Балканот му е потребна целосна поддршка од Западот, САД и ЕУ за овие промени да се случат со текот на времето.

Во емисијата, Монтгомери опширно зборуваше за војната во Виетнам, која е една од темите што најдоа место во неговата книга, потоа НАТО и Тито, а вели дека сегашната ситуација во САД не е добра.

„Денес не би можел да бидам дипломат, бидејќи повеќе не верувам дека американскиот начин е во целост правилен и дека нашиот демократски систем е правилен за светот“, вели Монтгомери и додава дека сега има две Америки чиј сооднос е речиси половина на половина.

Според него, тие две Америка се сопирачка  да се преземе каква било  активност во врска со ќор-сокакот по речиси сите можни прашања.