Затворањето на патот Приштина-Скопје, на потезот меѓу Качаник и Елез-Хан, сосема им го смени животот на жителите на косовскиот град на границата со Македонија, пишува во денешното неделно издание „Коха Диторе“.

Многубројните ученици од Елез-Хан кои учат во стручните средни училишта во Качаник до сега за да стасаат на училиште излегуваа од дома 15 минути пред почетокот на наставата, а сега патуваат по повеќе од еден час, и најчесто доцнат. Уште повеќе губат оние кои учат во Урошевац – тие изостануваат од последните два часа за да можат да ги фатат последните автобуси за дома.

Последици чувствуваат и локалните бизниси. Една компанија го прекина сообраќањето на линијата Качаник-Елез-Хан, а оние кои прдолжуваат да возат двојно ги зголемија цените. Таксистите од Елез-Хан до Качаник возат за пет пати повисоки цени одошто досега. Никој не го напушта пограничниот град ако нема некоја голема мака, пишува приштинскиот весник.

Од 8-ми мај, кога Министерството за инфраструктура го затвори патот поради честите одрони, им се сменија плановите на сите кои имаат работа надвор од градот, а им се менуваат плановите и на оние кои имаат намера да патуваат за Елелз-Хан, па и за Скопје. За да се стигне до градот или до границата на Блаце сега треба да се поминат десетици километри повеќе, низ тесен и змијолик пат.

Така, на пример, ако досега од Приштина до Блаце се патуваше околу еден час, сега се потребни два часа. Друга алтернатива е да се оди преку граничниот премин Јажинце, но од Приштина до Скопје по овој пат, наместо 90-тина километри како до сега преку Качаник, сега, преку Јажинце и Тетово треба да се поминат околу 150 километри.

Министерството за инфраструктура најави дека работите за реконструкција на спорниот дел од патот Приштина- Скопје ќе траат околу еден месец. Жителите на селата од Качаник и од Елез-Хан, поради големите проблеми кои им ги предизвика ова затворање на патот, побараа и оставка од надлежниот министер.