Генералното собрание на Интерпол ќе се одржи во втората половина на ноември во Дубаи, на кое ќе се разгледа барањето на Косово да стане полноправна членка на оваа меѓународна полициска организација.

Србија во 2015 година успеа да оствари дипломатска победа така што, на генералната конференција на УНЕСКО, Косово беше одбиено да биде примено во оваа организација. За Србија е важно дали Косово ќе биде примено во Интерпол, бидејќи, како што објасни српскиот претседател Александар Вучиќ, тоа би довело до зголемување на бројот на потерници против српските државјани. Според него, околу 5.000 Срби што учествувале во судирите во 1999 година не би можело да патуваат, а со тоа би се создале и дополнителни политички притисоци на дневна основа.

Дарко Трифуновиќ, професор на Факултетот за безбедност, е согласен со ставот дека некои држави што некогаш гласале во корист на Косово, на новото гласање нема да го сторат истото тоа.

– Годинава го нема тврдото лобирање на Америка. Претседателот Доналд Трамп ја смени политиката, а српско-американските односи одат во една растечка линија. Ова прашање се решава во Вашингтон – изјави Трифуновиќ за „Србија данас“.
Аналитичарот Божидар Спасиќ смета дека Србија се обидува да лобира во секоја земја поединечно.

– Државите што го признаа Косово како независна држава, всушност, не гласаат за нејзин прием ни во Интрепол ни во УНЕСКО. Тие сметаат дека оваа „држава“ не е подготвена за влез, затоа што во неа има висок степен на организиран криминал – вели Спасиќ.