Подготовките за пописот во балканските земји се проследени со нагласени „национални“ кампањи за што помасовно пребројување на граѓаните од различните етнички заедници

Во спроведувањето на пописите во земјите од регионот повеќе време се посветува на „националните прашања“, кои се поврзуваат со бројноста на националните малцинства, отколку за вистинските економски потреби што произлегуваат од најголемата статистичка операција. Политичарите во сите земји од Балканскиот Регион го користат пописот како можност за спроведување на своите националистички агенди, но и како „аргумент“ за остварување или неостварување на некои човекови права, кои се однесуваат на припадниците на малцинските заедници. Поради тоа, подготовките за пописот се проследени со нагласени „национални“ кампањи за што помасовно „пребројување“ на граѓаните од различните етнички заедници.
Претставници на бошњачкото малцинство во Хрватска пред почетокот на пописот во Хрватска ја почнаа кампањата „Јас сум Бошњак“, со која ги повикуваат своите сонародници да се изјаснат така. На пописот пред десет години во Хрватска имало околу 31.000 Бошњаци, а уште 9.500 граѓани се изјасниле како Муслимани, како што биле нарекувани за време на социјализмот. Во независна Хрватска некои од ова малцинство се изјаснувале и како Хрвати со исламска вероисповест.
– На последниот попис на населението од 2011 година, околу 9.500 лица се изјасниле како Муслимани со големо М, и над 31.000 како Бошњаци. Кога ќе се соберат овие бројки, ќе добиеме конкретен и точен статистички податок за бројот на бошњаците во Хрватска – вели Армин Хоџиќ, претседател на Советот на бошњачкото национално малцинство во Град Загреб, за Радио Слободна Европа.

Припадниците на ова малцинство сметаат дека со поголем број нивните права стануваат поголеми. Бошњаците немаат сопствен претставник во хрватскиот парламент. Правата на словенечкото, бошњачкото, црногорското, македонското и албанското малцинство ги застапува пратеничката од албанското малцинство, Емина Лекај Прљаскај.
Од страна на српското малцинство е поведена кампања „Биди е-Србин“, а спотот направен за претстојниот попис во Хрватска се пушта и на електронските медиуми, пишува „Данас“.
– Желбата на сите српски институции е да се поттикнат припадниците на нашиот народ за национално изјаснување и да се ослободат од стравот. Фокусот на кампањата се пред сѐ Србите што живеат во големите градови. Знаеме кои се нашите права и ќе работиме на тоа да ги искористиме колку што сме во можност. Ги повикуваме луѓето да бидат тоа што се без страв – вели Ања Шимпрага, пратеничка на Самостојната демократска српска партија во хрватското собрание.
Потпретседателот од Владата на Хрватска од редовите на СДСС, Борис Милошевиќ, смета дека кампањата „Биди е-Србин“ е важна и во неа се вклучени сите релевантни српски организации.
Во Хрватска е во тек првата фаза од пописот на населението што ќе трае до 26 септември годинава, а граѓаните ќе можат да се попишат самите преку интернет на системот е-Граѓанин. Во втората фаза следува теренското попишување на граѓаните во Хрватска, а ќе се попишуваат лицата што не се регистрирале електронски, но и да се исправат некои грешки во „самопописот“.

Според Уставот на Хрватска, пропишано е на припадниците на хрватските малцинства, кои имаат повеќе од 1,5 отсто во Хрватска, да им се гарантира најмалку едно, а најмногу три пратенички места. Доколку учествуваат во населението на општините и градовите со повеќе од 15 отсто, а во жупаниите со повеќе од пет отсто, припадниците на националните малцинства имаат право на сразмерна застапеност во претставничките тела.
Во некои градови во Хрватска беа поставени плакати, од страна на „Здружението на хрватските православни бранители“, со кои се повикуваат Србите да се изјаснат како Хрвати и како припадници на Хрватската православна црква. „Ал џезира“ пишува дека во пописот во Хрватска е вмешана и политиката. Иван Пенава, градоначалникот на Вуковар во кој има српско малцинство, изрази сомневање во бројноста на населението од претходниот попис. Во локалната самоуправа на Вуковар имаше отпор за употребата на кирилицата и српскиот јазик.
– Бараме пописот на населението за 2021 година да биде точен и вистинит, без можни манипулации, без разлика дали е Вуковар, Бенковац, Вргорец, Книн или кое било друго место во Република Хрватска, во спротивно, нема да го сметаме за релевантен – изјави Пенава, кој е избран за градоначалник како кандидат на ХДЗ.
Некои хрватски пратеници се спротивставуваа на предлогот на Милорад Пуповац, политички претставник на српското малцинство, кој бараше попишувачите во српските средини да бидат од српска националност.

– Од резултатите од пописот ќе зависат и многу права што ги остварува српската заедница според Уставот и законите на РХ. Затоа е од витално значење за заедницата резултатите од пописот ја одразат вистинската бројна состојба на Србите во Хрватска – објаснуваат од Српскиот национален совет во Хрватска.
Пописот во Србија, поради состојбата со пандемијата на коронавирусот, е одложен за следната година, но и овој пат не изостанаа политичките дебати околу правото за изјаснување на националната припадност. Полемика во партиската и стручна јавност предизвика предлогот на Партијата на Војводина, која бара во пописните листи да има опција за национална припадност „Војвоѓанец“. Ова не е прва ваква иницијатива, политички претставници во Војводина го даваа овој предлог и за пописот во 2011 година, кој не беше прифатен од тогашното парламентарно мнозинство во Србија.