Помошник државниот секретар за политички прашања, Дејвид Хејл неделава доаѓа во посета на Белград и Приштина, соопштија денеска од американскиот Стејт департмент.

Хејл во посета на Србија и Косово доаѓа во својство на висок надворешнополитички претставник на САД.

Во Белград в петок тој ќе се сретне со високи официјални лица од Владата на Србија за разговори околу билатералните односи помеѓу двете земји и за обновување на дијалогот со Приштина, во прилог на нормализација на односите со Косово.

Се наведува дека останати теми за разговор се други регионални и глобални прашања како влијанието на Русија и Кина врз Западен Балкан.

Хејл в сабота треба да се сретне и со лидерите на Косово. На средбите во Приштина ќе се истакне историската можност за постигање на продлабочена нормализација на односите со Србија и ќе се разгледаат начините за изнаоѓање мерки за постигнување на договор со Белград, велат од американскиот Стејт департмент.

Помошникот државен секретар денеска е во посета на Лондон, а од утре до четврток престојува во работна посета на Киев.