Изборниот колегиум во Тирана го отфрли указот на албанскиот претседател Илир Мета за одложување на локалните избори и одлучи на 30 јуни во земјата да се одржат закажаните избори. Колегиумот оцени дека указот на претседателот на државата за одложување на изборите е неуставен.
Веднаш по одлуката на колегиумот во реакција на претседателскиот кабинет Илир Мета се наведува дека „станува збор за оркестриран скеч на мнозинството“. Притоа се оценува дека указот на Мета нема право да се собори од страна на изборниот колегиум.
Највисоките претставници на ОБСЕ-ОДИХР вчера имаа средба со премиерот Еди Рама. Шефот на мисијата Аудру Гловер и Рама не дадоа детали за средбата.
Албанското МВР јави дека седум илјади полицајци ќе го обезбедуваат изборниот материјал, кој ќе се доставува во гласачките места. По двајца полицајци се предвидува да бидат надвор од гласачките места, а поради недостиг од човечки ресурси, ќе бидат ангажирани и патната и граничната полиција, но и тие што ги обезбедуваат објектите.

Вечерта на 29 јуни полицијата ќе ги земе под заштита изборните материјали и објектите низ цела Албанија. Исто така, за да се чуваат редот и безбедноста, во служба на полицајците ќе бидат и околу 350 цивилни возила и возила на Граничната дирекција и миграцијата. Во состојба на готовност ќе бидат и 5.000 полицајци, кои би можело да бидат ангажирани доколку има судири, вклучувајќи ги и силите за брза интервенција.

Претходно опозицијата соопшти дека нема да учествува на локалните избори ниту, пак, ќе дозволи нивно одржување. Албанските аналитичари оценуваат дека ако нема меѓународно посредување, на 30 јуни ќе има голем ризик за судири на власта и опозицијата. Лидерот на десницата Љуљзим Баша и неговите сојузници соопштија дека одлуката на изборниот колегиум е незаконска и оти останува во сила указот на Мета за одложување на изборите. Опозицијата најави нови протести, додека, пак, мнозинството ја продолжува изборната кампања во земјата.