Грчката амбасадорка во Тирана, Елени Сурани била повикана во албанското министерство за Европа и за надворешни работи, во врска со инцидентот во селото Бралат, кај Ѓирокастро кога Константинос Кацифас, албански Грк со грчко државјанство, бил застрелан во престрелка со полицијата.

Министерството побарало „воздржаност и непридавање политички или дипломатски бои на ова прашање. Во исто време гарантирало дека Албанија е безбедна и мирна земја за сите свои граѓани, вклучувајќи ги тука и оние од грчка етничка припадност“.
Претходно, дописникот на тиранската телевизија Ора њуз од Атина јави дека семејството на Кацифас барало истрага за убиството да води грчкото обвинителство.

Смртта на Кацифас предизвика голем број протести, главно од припадниците на грчките крајно десничарски политички групи. Полицијата во Солун употреби солзавец на собир одржан во знак на протест поради неодамнешното убиство на грчки државјанин во Албанија.

Неколку стотина луѓе учествуваа на протестниот собир, а немирите избија кога полицијата го блокираше пристапот до албанскиот конзулат и го сопре протестот.
Албанската полиција во неделата смртно го погоди Константинос Кацифас откако претходно, како што тврди Албанија, тој отворил оган врз полицајци во етничкото село Буларат, на границата со Грција.

Албанските медиуми наведоа дека Кацифас бил член на десничарската Златна зора.