Ситуацијата кај граничниот премин Брњак на Косово денеска е крајно напната, откако припадници на специјалните единици на косовската полиција се обиделе насилно да извлечат возач од автомобил со регистарски таблички на Косовска Митровица.

Во својата намера тие и ќе успееле, доколку не интервенирала патролата на КФОР (меѓународни мировни сили предводени од НАТО), која во тоа време била на местото на инцидентот, пишува „Косово онлајн“.

Според непотврдени информации, полицијата побарала од еден српски државјанин да излезе од автомобилот и да ги отстрани регистарските таблички, што тој го одбил, па почнале да го извлекуваат од автомобилот.

Во тој момент, наводно пристигнале припадници на КФОР и ја смириле целата ситуација. Се собрале и поголем број Срби кои протестираат на тоа место, а возачот успеал да се засолни на безбедно.

Ситуацијата на тој административен премин во моментов и натаму е многу напната, бидејќи, според информациите од регионалните медиуми, припадниците на специјалната косовска полиција, наводно, се обидуваат да ги принудат сите возачи да ги отстранат српски регистарски таблички од своите возила.

Косовската влада во понеделникот воведе мерка за реципроцитет, не дозволувајќи возила со српски регистарски таблички да влезат во Косово и Метохија. Возачите со вакви таблички, на влезот во Косово мора да земат привремени регистрации, исто како што граѓаните на Косово се должни да ги сменат регистарските таблички со ознака РКС при влез во Србија.

Покрај тоа, косовските власти тврдат дека табличките од северот на Косово (КС) веќе не се легални, а единствени валидни таблички се оние со ознака РКС (Република Косово).

Мерката предизвика протести на Србите во северно Косово и официјален Белград. На првиот ден од протестот, косовската полиција фрлаше и солзавец врз Србите собрани кај Брњак.

Косовската полиција соопшти дека издала 1.455 пробни регистарски таблички за 24 часа, но новинар на РТС јави дека во општините од северот на Косово и Метохија и натаму се возат автомобили со српски регистарски таблички.