По завршувањето на завчерашната седница на црногорскиот парламент, полицијата го уапси пратеникот на опозицискиот Демократски фронт, Небојша Медоевиќ, кој е спроведен во затворот „Спуж“.

Тој е притворен по наредба на претседателот на Вишиот суд, Борис Савиќ, поради повеќемесечно одбивање да даде исказ во предмет што се води против него.
Медоевиќ и неговиот колега Милан Кнежевиќ повеќе месеци одбиваат да достават податоци за судијата, кој наводно понудил 10.000 евра за да укине пресуда поради напад на полицаец во 2015 година.

По апсењето, од ДФ предупредија дека Црна Гора се наоѓа на работ на граѓанска војна, а Кнежевиќ порача дека нема доброволно да ѝ се предаде на полицијата и ќе остане со колегите во Парламентот.

На прес-конференција пред Парламентот на Црна Гора, еден од лидерите на ДФ, Андрија Мандиќ, ја оцени одлуката за апсење на Медоевиќ како скандалозна.

– Никогаш досега не се случило ова во Црна Гора. Пратеник за искажан збор, без одземање имунитет, да се стави в затвор. Тоа е огромен скандал и, според процените на ДФ, Црна Гора се наоѓа на работ на граѓанска војна – нагласи Мандиќ.

Реакција за апсењето на пратеникот имаше и од Социјалистичката народна партија на Црна Гора, која најостро го осуди апсењето на претседателот на Движењето за промени, кое го смета за недемократско и незаконско. Од оваа партија оценуваат дека приведувањето на пратеникот од опозицијата е политички мотивирано и е спротивно на домашната правна практика.

– Со апсењето на народниот пратеник по завршување на седницата на Парламентот, надвор од сите законски процедури, се испраќа порака до сите сегменти во општеството дека е дозволена секаква брутална сила и со тоа се воведува општо беззаконие во политичката пресметка – истакнуваат од СНП.
Од партијата Права Црна Гора изјавија дека со апсењето на претставник на опозицијата, во земјата повеќе немаат право на разлика во политичките ставови.
– Црногорското собрание стана исклучиво параван за демократијата, поточно полигон во кој се симулира искажување слободен збор, додека на друга страна полицијата ѕвечка со лисици и оружје – велат од ПЦГ.

Претседателката на жените на Европската народна партија, Дорис Пак, порача дека апсењето на еден од лидерите на демократскиот фронт и пратеник Небојша Медоевиќ, е срамен чин и ја повика претседателката на Европската комисија, Федерика Могерини, да реагира.

Вишиот суд во Подгорица ја прифати жалбата на Специјалното државно обвинителство и му одреди притвор и на вториот пратеник на опозицискиот Демократски фронт, Милан Кнежевиќ, поради одбивање да сведочи во предметите на обвинителството, соопштија вчера од судот.