Решавањето на спорот меѓу Скопје и Атина во врска со името, ќе го зголеми притисокот врз Белград, се вели во редакцискиот коментар на електронското издание на белградска „Политика“.

Се очекува за неколку дена премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас да соопштат дека е постигнат историски договор, со што ќе биде ставена точка на повеќедеценискиот спор меѓу Македонија и Грција.

Тоа значи дека Србија ќе биде мета за нови „напади“ на западните сили во врска со проблемот со Косово.

Од „Политика“ прогнозираат дека Западот ќе го насочи вниманието кон решавање на прашањето во врска со косовското членство во ОН, за што е потребна согласност од Србија.

За решавањето на спорот меѓу Скопје и Атина, Македонците ќе бидат наградени со добивање на датум за почеток на преговорите со ЕУ и покана за присоединување во НАТО, пишува „Политика“.

Весникот наведува дека на тој начин Белград ќе биде принуден да ги засили напорите за постигнување компромис со Приштина.

Според аналитичарот Драгомир Анѓелковиќ, оние што ги поддржуваат косовските Албанци и нивните ментори, се истите играчи кои сакаат Грција и Македонија во најскоро време да постигнат договор за името.

– Ако станува збор за тој договор, тоа нема да ја стабилизира ситуацијата на Западен Балкан, бидејќи ќе започне затегањето на обрачот околу Србија и Република Српска. Со решавањето на спорот за името на Македонија, евроатланските приврзаници симболично ќе ја добијат битката, што ќе доведе до засилување на идејата дека Србија треба да ја признае независноста на Косово – објаснува Анѓелковиќ.