Работничките акционери во „Краш“ одлучија да ѝ го продадат својот удел на хрватската месна индустрија „Браќа Пивец“, која понуди пониска цена од главниот конкурент од Србија

Месната индустрија „Браќа Пивец“ во саботата склучи договор со „Краш“ ЕСОП за продажба и пренос на 276.441 редовни акции, кои сочинуваат 18,44 отсто од вкупниот акционерски капитал во најголемата фабрика за кондиторски производи во Хрватска. Акциите, кои беа во сопственост на работничките акционери, беа продадени по цена од 861,20 куни. Со купувањето на овој пакет акции месната индустрија стана мнозински сопственик на „Краш“ со 49,3 отсто и со тоа економски го порази нивниот главен конкурент, српскиот бизнисмен Небојша Шарановиќ, сопственик на кипарската компанија „Капа стар лимитед“. Како што пишува „Јутарњи лист“, тој не успеал во намерата да ги одврати работниците, кои се акционери од „Краш“ ЕСОП, да ѝ ги продадат акциите на месната индустрија „Браќа Пивец“, која понудила за 18 отсто пониска цена, од онаа што беше постигната на берзата. Процените беа дека во директното наддавање на берзата на двајцата конкуренти цената за една акција да достигне до 1.050 куни.

– Во „Краш“ вложуваме повеќе од десет години. Првите планови не беа да го преземеме и да станеме мнозински акционери. Одлуката на работниците да гласаат со 99 отсто за продажба на акциите на собранието на „Краш“ ЕСОП ни е голем поттик, но и обврска да ја развиваме фирмата во согласност со нашиот план и во корист на вработените – изјави Ивица Пивец, претседател на месната индустрија „Браќа Пивец“.

Ваквата разврска во српско-хрватската чоколадна војна, според економските експерти во Србија, е доказ дека во Хрватска се водат од политички, а не од економски принципи. Ова е показател дека за српските фирми не е дозволен пристап на хрватскиот пазар на капитал.

– Ова е класична политичка одлука и доказ дека српските фирми не се пожелни. Хрватска повеќе од 15 години одбива да го отвори пазарот за нашите компании, а тие одлуки немаат врска со економијата и со здравиот разум. Според принципите на реципроцитет, и Србија треба да се преиспита дали да им се дозволи на Хрватите да дејствуваат како и досега на нашиот пазар – вели Драгован Миличевиќ, во изјава за „Курир“.

Економистот Миладин Ковачевиќ посочува на фактот дека Шарановиќ даде најдобра понуда за акциите во „Краш“, но тоа не значи дека цената е главниот мотив за преземање големи индустрии, а постојат и други мотиви, како што се управувачките и производствените можности, како и поседувањето концесии на одреден пазар.

– Тука се гледаат и неекономските конотации. Шарановиќ е сопственик на фирмите „Јафа“ и „Банини“, кои имаат сериозни пазари и надвор од земјата и се занимаваат со производство на кондиторски производи, како и „Краш“. Јавната сцена во Хрватска изобилува со антисрпска реторика, и тоа доведе до продажба на акциите на хрватската фирма – вели Ковачевиќ.

Махмуд Бушатлија, советник за странски вложувања, објаснува дека многу развиени земји им даваат предност на своите компании заради заштита на националните интереси, но дека нема сомневање оти ваквата одлука на работниците во „Краш“ произлегла од политички причини.

– Искуството на српските инвеститори во Хрватска дефинитивно не е сјајно. Кога меѓу двете земји постојат политички затегнати односи, полесно е некоја политичка позиција да се искористи за економска промоција – вели Бушатлија, за српскиот весник „Курир“.