Протестите во повеќе градови во Црна Гора, кои траат неколку дена по донесувањето на Законот за слобода на вероисповед, на површина го исфрлија и старото прашање за црногорскиот идентитет. Законот за вероисповед, кој веќе стапи во сила, е оспоруван од претставниците на српската заедница во ЦГ. Камен на сопнување е одредбата, според која на државата ѝ се враќаат верските објекти и земјиштето на црногорска територија, за кои ќе се утврди дека се изградени со средства на државата или биле во нејзина сопственост до 1 декември 1918 годинa. Според толкувањата на црногорската историја, со која се раководи и Владата во Подгорица, на овој ден, се случила воена окупација на Црна Гора од страна на Кралството Србија и таа била насилно анектирана. Подоцна била укината и автокефалноста на Црногорската православна црква и таа е сведена на митрополија и епархија во рамките од Српската православна црква, пишува „Дојче веле“, кое ги пренесе ставовите на двете спротивставени страни во врска со толкувањето на новиот верски закон.

Ранко Кривокапиќ, почесниот претседател на Социјалдемократската партија на ЦГ, кој е и коавтор на црногорскиот устав, вели дека намерата со донесувањето на Законот за верски слободи е воведување „правна чистота“ во областа на вероисповедта.
– СПЦ располага со црквата надвор од правната основа. Таа во Црна Гора не е регистрирана како правен субјект. Тие не сакаат да се регистрираат и изјавуваат дека се над државата и над законите. Целиот спор е околу тоа да станат правно лице како и сите други верски заедници во земјата – вели Кривокапиќ, во изјава за „Дојче веле“.

Црногорската православна црква, според Уставот на ЦГ од 1905 година, била автокефална, но имотот што го користела бил во сопственост на државата, објаснува тој. По анексијата во 1918 година, имотот е пренесен на црквата, но по Втората светска војна ѝ е вратен на државата. Во текот на 1990 година некои објекти повторно без каква било правна основа ѝ се впишани на СПЦ.
– И денес поголемиот број од црковните објекти, околу 70 до 80 отсто, се во сопственост на државата. Меѓу нив е и Цетињскиот манастир, кој е во сопственост на општината. Ова не е единствен случај во светот. Сите цркви во Франција се во сопственост на државата, исто како и сите цркви во Руската Федерација – вели Кривокапиќ.

Владиката Григорије Дуриќ, епископ диселдорфски и на цела Германија, кој е од редовите на СПЦ, има поинаков став.
– Новиот закон бара да се докаже имотот над храмовите, кои се изградени во 13, 14 и 15 век. Тоа го граделе народот и тогашни владетели. Сега е невозможно да се оди во некој катастар од 13 век и да се докажува дека манастирот Морача ѝ припаѓа на црквата – вели Дуриќ.
Тој смета дека причината за носењето на законот е поинаква, односно претставува обид на претседателот на ЦГ Мило Ѓукановиќ да предизвика инцидент, а прашањето за идентитетот, според него, е само оправдување.

– Доколку му успее да покаже дека станува збор за некој великосрпски напад на црногорскиот идентитет и црногорската држава, тој би можел во своите редови да направи хомогенизација, која одамна ја изгубил – вели Дуриќ.

Поради тоа, кризата околу религијата намерно се предизвикува и се подгреваат страстите меѓу верниците. За Дуриќ, тоа е единствен начин да се предизвикаат судири меѓу Србите и Црногорците во Црна Гора, за потоа претседателот Ѓукановиќ да се прикаже како миротворец. Исто така, ни Ранко Кривокапиќ не негира дека зад сево ова постојат политички мотиви, но заклучува дека во основа е зачувувањето на црногорскиот идентитет, додека СПЦ го негира постоењето на Црногорците.