Фото: Игор Бансколиев

Социјалните мрежи одамна станаа политичка алатка за балканските политичари за придобивање на довербата од граѓаните. Во регионални рамки, најактивни на социјалните мрежи се Еди Рама и Александар Вучиќ, а за време на пожарите зголемена виртуелна активност покажаа и македонските политичари од власта и од опозицијата

Паралелно со теренската борба на пожарникарите со огнените стихии, во Македонија изминатите денови се водеше „виртуелна“ војна меѓу политичарите за докажување на (не)подготвеноста за справување со елементарната непогода. По критиките за неснаоѓање при гаснењето на пожарите, претставниците од власта секојдневно пласираа информации и фотографии за тоа дека се на теренот и како заедно со пожарникарите и доброволците од странство и од Македонија се соочуваат со пламенот. Најактивни на социјалните мрежи беше директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој на дневна основа споделуваше фотографии од некоја шума што гори. Зголемена фејсбук-активност имаше и премиерот Зоран Заев, како и претставници на опозицијата, кои секој од свој аспект споделуваа свои анализи за моменталната состојба со пожарите во Македонија.
Социјалните мрежи одамна станаа политичка алатка за балканските политичари за придобивање на довербата од граѓаните. Во регионални рамки, албанскиот премиер Еди Рама најчесто е пренесуван од медиумите дека објавил некоја политичка порака на својот профил на Фејсбук. Можностите за дигиталниот маркетинг често ги користи и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој редовно ги „информира“ своите сограѓани за важни настани преку социјалните мрежи, кои потоа масовно се проследуваат од класичните медиуми во Србија. Во последно време се забележува поделба на социјалните медиуми од страна на власта и опозицијата.
Експертот за дигитален маркетинг Исто Павловиќ анализира зошто политичарите претпочитаат различни социјални мрежи во однос на тоа дали се на власт или во опозиција.

– Политичарите од власта во Србија утврдиле дека нивната целна група е повеќе на Инстаграм отколку Твитер, на која главно се противниците на власта. За нив другата мрежа е изгубена. Власта работеше на истражување колку Твитер како мрежа влијае на изборите, а податоците се дека влијанието е многу мало, а тоа значи дека мора многу да работат за да предизвикаат поголем интерес кај гласачите – вели Павловиќ во разговор за „Данас“.
На Инстаграм, како што забележува тој, има многу повеќе корисници, а тоа се луѓе што потекнуваат од широките народни маси. Помалку образовани луѓе се на Инстаграм и на Фејсбук. Тоа е претежно гласачкото тело на партиите на власт и тие се насочуваат на овие социјални мрежи.
– Тие повеќе не им испраќаат информации на новинарите кога е во прашање некое соопштение или фотографија од некој настан. Тие испраќаат линкови од Инстаграм, со препораки во своите текстови да ги стават објавите од таа мрежа. Што се случува потоа? Луѓето ги отвораат тие текстови и линкови што се објавени во медиумите во кои се наоѓаат една или две фотографии што се објавени на социјалниот профил и така се собираат следбеници на профил објавен од некој политичар – вели Павловиќ.

Анализата на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи покажала дека од вкупно 120 пратеници во македонскиот парламент, 119 биле присутни најмалку на еден социјален медиум во 2020 година. Само еден пратеник не користел социјален медиум. Носителите на извршната власт, претседателот и Владата биле во целост онлајн, додека бројот на активни градоначалници на социјалните медиуми се зголемил за три, во споредба со 2019 година, и изнесува 74 од вкупно 81. На социјалната мрежа Инстаграм во 2020 година активности имале 35 пратеници, додека Твитер за свој начин на комуникација со граѓаните го користат 26 народни избраника. Раст во онлајн комуникацијата со граѓаните има и кај Владата. Од вкупниот број на министри, на Твитер биле активни 15, а на Инстаграм 14 министри. Во 2019 година, 24 од 26 министри користеле Фејсбук, девет члена на владиниот кабинет биле истовремено активни на Фејсбук, Инстаграм и Твитер.