Политичките водства не се доволно свесни за неповолната состојба во која се наоѓа регионот

Избори во повеќе држави во Југоисточна Европа
за време на корона-кризата

Во повеќето земји од Западен Балкан владее специфична предизборна атмосфера во која преовладуваат националните емоции, дополнети со меѓусебна политичка, етничка и верска нетрпеливост

Србија и Хрватска влегоа во период на предизборна кампања за избор на нов пратенички состав, а по нив за избори се подготвуваат Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија. Досегашните настапи на партиските лидери веќе ги извадија старите митингашки говори за заживување на националните економии и зголемување на вработеноста, со задолжителните заложби за „борба“ против корупцијата и почитување на правната држава. Новина во овој изборен циклус е епидемијата на коронавирусот, која ќе биде и главна тема во партиските кампањи за придобивање на гласовите на граѓаните. Но се чини дека партиските водства во сите држави во кои годинава се спроведуваат парламентарни избори, како што се заклучува во коментарот на „Дојче веле“, ќе се обидат да ги придобијат гласачите со ставање под едно „национално знаме“.

Во Србија парламентарните избори, кои се закажани за 21 јуни, се одвиваат во една специфична политичка и демократска атмосфера. Поради бојкотот на дел од поголемите опозициски партии, владејачката партија на Александар Вучиќ, Српската напредна партија, доста комотно влезе во изборната трка и очекува сигурна победа. Другите политички партии што претендираат на гласовите на граѓаните што се незадоволни од начинот на владеење на СНС се доста неуверливи во настапите, кои ги сведуваат на „пресметка“ во опозицискиот блок. Претседателот на Движењето на слободни граѓани, Сергеј Трифуновиќ, не очекувал дека на него ќе тргне армијата на бојкотирачките ботови.

– Нонстоп чекав да се случи нешто со тој бојкот. Со часови седевме на состаноци и ништо продуктивно немаше – изјави Трифуновиќ за „Политика“.
Со сличен став излезе и актуелната премиерка Ана Брнабиќ, која за белградски „Блиц“ изјави дека опозицијата што е собрана околу идејата за бојкот не разбира дека легитимитетот на изборите го даваат граѓаните, а не партиите и политичарите. Таа го истакна фактот дека на овие избори ќе учествуваат 21 изборна листа, што е повеќе од изборите во 2012 или 2014 година. За разлика од нив, Драган Ѓилас, претседател на Партијата слобода и правда и еден од лидерите на Сојузот за Србија, смета дека во Србија не постојат услови за одржување фер и демократски избори. Сето ова значи дека изборите ќе поминат со поделена и разединета опозиција, што ќе ѝ остави простор на владејачката коалиција, која ќе ги форсира прашањата за Косово и односите со соседните земји, кои се во надолна линија.

Методологијата на предизборната кампања во Хрватска, која е членка на Европската Унија, е иста како онаа во Србија. Владејачката ХДЗ се соочува со најновата корупциска афера за изградбата на електроцентрала на ветерници. Таа отворено играше и на картата на национализмот со „покровителството“ на мисата за жртвите во Блајбург во Сараево, со што се обиде да кокетира со гласачите од десницата, пред изборите на 7 јули.

Анкетите покажуваат дека двете најголеми партии, ХДЗ и СДП, кои се изедначени со рејтингот, ќе освојат најголем број од гласовите. Аналитичарот Јасмин Клариќ за РСЕ изјави дека на изборите нема да бидат пресудни прашањата од Втората светска војна, а граѓаните ќе одлучуваат за тоа дали Давор Бернардиќ, лидерот на левицата во Хрватска, ќе биде поуверлив за нов премиер од актуелниот претседател на хрватската влада Андреј Пленковиќ, кој треба да се справи и со корупциските активности на луѓето од неговото блиско опкружување.

Во октомври во изборен процес треба да влезе и Босна и Херцеговина, која по последните избори долго време не можеше да ја формира извршната власт на ниво на федерација, поради етничките поделби. Во последната низа на корупциски настани е аферата за набавката на неупотребливи респиратори, за што беа потрошени пет милиони евра. Обвинителството приведе три лица, меѓу нив и премиерот на федерацијата Фадил Новалиќ. Но владејачката партија СДА успеа да го ослободи од притвор и да го врати на должноста. Претседателот на оваа партија Бакир Изетбеговиќ го искористи националниот адут и изјави дека „обвинителството било под политичко влијание, што наедно претставува и продолжување на нападите врз Бошњаците“.

Одржување парламентарни избори во јули е најавено и во Македонија, но СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не можат да се договорат за датумот на гласањето. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера како опција го наведе 8 јули, а гласањето да трае до 21 часот. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, сугерирал да се разгледа опцијата за одложување на изборниот процес за десетина дена. Разликите во ставовите за одржувањето на парламентарните избори, кои беа одложени поради корона-кризата, претставуваат одраз на длабоката политичка поделба во земјата.
Слична состојба владее и во Црна Гора, а политичките и етничките поделби се оптоварени и со ексалирање на спорот меѓу Српската православна црква и Владата на Црна Гора за спроведувањето на Законот за слобода на вероисповед, со кој се регулира сопственоста над црковниот имот.