За дел од српската опозиција предложените измени за менување на цензусот на успешноста на референдумот претставуваат подготовка на законската рамка за признавање на сецесијата на Косово

Најавата за укинување на цензусот за референдумот и прифаќање на одлуката за поставеното прашање со просто мнозинство на граѓаните во Србија од тие што гласале наиде на остри критики кај дел од опозицијата, која смета дека власта тоа го прави за да се смени Уставот и да се признае отцепувањето на Косово. Министерот за државна управа и локална самоуправа Бранко Ружиќ изјави дека оваа иницијатива е за усогласување со уставниот закон. Со ова не се согласува Милош Јовановиќ, член на претседателството на движењето „Метла 2020“, кој смета дека Уставот на Србија не пропишува потребен број излезени гласачи за да биде референдумот полноважен, туку само назначува дека одлуката се носи со мнозинство излезени гласачи.

Во врска со споменатите измени, адвокатот Тома Фила, во изјава за порталот Вести.онлајн, потсетува дека во избирачкиот список има многу повеќе впишани гласачи, особено од оние во дијаспората, од бројот на граѓаните што излегуваат на избори и на референдумските изјаснување на народот.

– Според сегашниот закон, потребно е 50 отсто плус еден од запишаните граѓани во избирачкиот список, а знаеме дека во нашиот избирачки список се околу два милиони лица што престојуваат и работат во странство а имаат адреси и документи на државата Србија. Исто така и милион граѓани што се во Србија и на списо4кот а традиционално не одат на гласање, па невозможно е референдумот да биде успешен ако остане сегашниот цензус – објаснува Фила.
Сегашниот закон за референдум и народна иницијатива е донесен во 1994 година, а имало помали измени на текстот во 1998 година.
– Со примената на низа решенија од овој закон се покажаа големи недостатоци, затоа и референдумот и народната иницијатива ретко се користат. Важечкиот закон во многу решенија е рестриктивен, надминат и неусогласен со Уставот и го ограничува користењето на демократските механизми гарантирани со највисокиот правен акт – изјави министерот Ружиќ на неодамнешната трибина за измените на законот за референдум.

Политичарот Милош Јовановиќ го застапува ставот дека измените се вршат во функција на планираните промени на Уставот и за подготовка на законската рамка за признавање на сецесијата на Косово.
– Апсолутно е неприфатливо укинување на актуелното решение, кое предвидува дека референдумот е успешен доколку повеќе од половина граѓани излезат на гласање. На овој начин се обесмислува референдумот како форма на непосредно учество на граѓаните во донесување на најважните одлуки, како што се промена на границите на Србија и промена на Уставот – смета Јовановиќ.

Помошник-министерот за државна управа и локална самоуправа Саша Могиќ посочува на една од клучните неусогласености на важечкиот закон со Уставот, а тоа е т.н. кворум за референдум, одредбата според која успехот на референдумот се врзува со изјаснување на повеќе од половината запишани избирачи.
Од воведувањето на повеќепартискиот систем во Србија се одржани само три референдуми на републичко ниво, во 1992, 1998 и во 2006 година, по предлог на Народното собрание. Во 1992 година граѓаните на референдум се изјаснуваа за избор на „Марш на Дрина“ за државна химна, за петокраката на знамето на Србија и за избор на грб. Но тогаш немаше доволно гласачи да ги потврдат уставните промени.