Белград и Приштина сè уште се далеку од компромисно решение

Балканска безбедносна конференција во Минхен

Безбедносниот собир се одржува во време на напрегната состојба во светот, но се чини случувањата на Западен Балкан и овој пат ќе останат во сенка на глобалните политички игри, а средбите на светските лидери во Минхен ќе бидат искористени за подготовка за конечното решение на спорот меѓу Србија и Косово

Србија и Косово потпишаа декларација со намери за воспоставување железничка линија меѓу Белград и Приштина, како и за завршување на изградбата на автопатот меѓу двата града. Ова е веста што вчера пристигна од Минхен, каде што се одржува тридневната безбедносна конференција, која е една од најзначајните глобални конференции посветени на безбедноста и одбраната. На овој собир годинава учествуваат повеќе светски лидери, претседатели, премиери, министри, претставници на бизнис-секторот, невладиниот сектор и академската заедница од 40 земји во светот. Собирот во Минхен се одржува во време на напрегната безбедносна состојба во светот и на Балканот, па затоа сите светла се насочени кон овој меѓународен настан што се одржува во Германија. Се чини случувањата на Западен Балкан и овој пат ќе останат во сенка на глобалните политички игри, кои се однесуваат на главните кризни региони во овој момент во светот.

Главните прашања што ќе бидат отворени на минхенската конференција, како што објави „Дојче веле“, се однесуваат на тоа дали САД би штителе НАТО-сојузник ако е потребно и со оружје. Дали ЕУ-членките треба да соработуваат потесно во сферата на безбедноста? Исправен ли е светот пред „перфектна бура“ предизвикана од промените на климата и безбедносните прашања?
Во извештајот за 2020 година, кој ќе биде презентиран на општата расправа, првпат се споменува терминот „незападност“. Оваа вештачка кованица значи дека светот генерално, а западните држави особено, не е сосема начисто во врска со своите вредности и својата стратегиска определба. Во извештајот јасно се посочува дека „светот станува помалку западен“. И додека десничарите и левичарите флертуваат со можност од повлекување од глобалната одговорност, авторите констатираат: „Ако Западот постојано се колеба за вклучувањето во насилни странски конфликти, тоа не значи дека тие конфликти исчезнуваат“, пишува „Дојче веле“.
Минхен ќе биде исто така и можност да се сондираат меѓународните реакции на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток. Ова е шанса на највисоко лидерско ниво да се проговори и за улогата на Европа, која поради својот растечки десен популизам и национализам се врти навнатре и малку се дистанцира од остатокот на светот. На дел од дискусиите во Минхен ќе стане збор за тоа како Европа да го зголеми своето влијание, пред сѐ во сферата на одбраната. Темата миграција од југ кон север, за Европа стана уште поважна поради конфликтите во Сирија и Либија, а во исто време Русија има дестабилизирачко влијание од исток.

Но тоа што најмногу го засега Балканот е дека од големиот настан во Минхен ќе произлезат нови иницијативи, пораки и притисоци за откочување на политичкиот дијалог меѓу Србија и Косово.
– Им аплаудирам на Ричард Гренел и Доналд Трамп за визијата за лидерство во ефикасното овозможување функционална и железничка поврзаност меѓу Косово и Србија. Но сега е време за големото финале, за заемно признавање, за кое Трамп прецизно наведе во двете писма – напиша на Твитер поранешниот премиер на Косово Рамуш Харадинај.
Големи се очекувањата и од најавената прва средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и новиот косовски премиер Албин Курти, кои ќе учествуваат на панелот со другите лидери од Западен Балкан, со новиот висок претставник на ЕУ, Жозеп Борел. Српските медиуми ги пренесуваат процените на политичките аналитичари дека Курти ќе се однесува доста формално во комуникацијата на Вучиќ, и тоа од позиција на „еднакви држави“. Нивните забелешки се дека Курти во првата недела од премиерскиот мандат има „поумерен пристап“ и дека почнал да се однесува „институционално“. Дали ова ќе биде доволно тој од Минхен да објави дека ги укинува високите царини за српските производи е сосема неизвесно.
– Наоѓањето конечно решение годинава, како што посочува Хашим Тачи, не зависи од политичките желби. Тоа зависи од политичката реалност и подготвеност да се разговара за компромис – изјави Вучиќ од Минхен.

Тој се осврна на потпишувањето на документите за железничко и сообраќајно поврзување на Белград и Приштина, иницијатива што се одвива со голема поддршка од администрацијата на Трамп.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски исто така ќе биде дел од 56-та минхенска безбедносна конференција., ќе има свое обраќање на конференцијата и на тркалезната маса „Балкански дијалози“, на која е предвидено учество на Џозеп Борел, потпретседател на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ; Албин Курти, премиер на Република Косово; Еди Рама, премиер на Република Албанија; Александар Вучиќ, претседател на Република Србија; и Екатерина Захариева, вицепремиерка за правосудна реформа и министерка за надворешни работи на Република Бугарија.

Дел од македонската делегација се и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Шефот на дипломатијата ќе се обрати на панел-дискусијата „Нови сојузи за зголемена издржливост во европското соседство“, на тркалезната маса насловена „Координирање, соработка, консолидирање? Придвижување на Западен Балкан напред“, како и на дебатата во организација на охридската група на тема „Незавршена работа? Европската Унија и Западен Балкан“.
На маргините на конференцијата се планирани и повеќе билатерални средби со негови колеги министри, високи претставници и учесници на годинешната минхенска безбедносна конференција, на која се очекува да дискутира за прашања поврзани со хибридните безбедносни предизвици, одбранбената соработка, енергетската безбедност, мултилатерализмот, меѓународната трговија, транснационалната безбедност, како и предизвиците со климатските промени и иднината на Европската Унија и НАТО.