Црна Гора планира да протера над 30 монаси и свештеници на СПЦ со нивните членови на семејствата. Ова, како што пишуваат „Новости“, ќе биде направено врз основа на прописите што регулираат пријава за престој. Официјална Подгорица ги затвора вратите за државјаните на Република Србија што според домашните закони не ги исполнуваат условите да живеат и да извршуваат верска служба во оваа држава. Во црногорско-приморската митрополија порачуваат дека не се исцрпени сите правни лекови и дека борбата за статус сè уште трае.

Проблемот со престојот на свештениците на СПЦ што не се родени во Црна Гора се појави во 2011 година, кога државната врата беше затворена за 80 монаси, монахињи, свештеници на СПЦ и членови на нивните семејства.

Зад прописите што регулираат траен, односно привремен престој во најмладата европска држава, тогаш провејувала официјална политика што не ја прифаќала СПЦ како полноправна домашна верска заедница. Со аргумент дека во Црна Гора црквата создала држава и дека е природно постара од неа, митрополијата до денес не е регистрирана пред државните органи.