Фото: Игор Бансколиев

Бројот на починати во Босна и Херцеговина минатата година драстично се зголемил поради последиците од коронавирусот, а поголема смртност е забележана во последните два-три месеца. Лани во Федерацијата на БиХ починале 25.014 лица, во споредба со 21.198 во 2019 година. Во Република Српска починале 16.589, наспроти 15.081, покажуваат податоците на Федералниот завод за статистика.
Земјите во Европската Унија забележале над 450.000 смртни случаи повеќе во периодот меѓу март и ноември 2020 година, во однос на истиот период меѓу 2016 и 2019 година, покажуваат најновите податоци на Еуростат.
Од европската статистичка организација објаснуваат дека податоците „даваат општа слика за морталитетот под влијание на пандемијата на ковид-19, бидејќи ја вклучуваат смртноста независно од причините“.
Највисока смртност имало во ноември, кога имало 40 отсто повеќе починати во однос на просекот на минатите години. Најпогодени во овој месец биле Бугарија, Полска и Словенија, а во овие земји смртноста се зголемила за 90 отсто во овој месец. Во Белгија истиот месец има зголемена смртност за 60 отсто, а во Италија и во Германија за 50 отсто. Хрватска забележила поголема смртност од 46,3 отсто, покажуваат податоците на Еуростат.