До каде е проектот за железнички и за авиосообраќај меѓу двете земји?

Спроведувањето на договорот, според балканските експерти, може да има сериозни геополитички последици, ослабување на зависноста на Србија од рускиот гас и поврзување на Белград и Приштина со безбедносниот систем предводен од САД

Договорот за нормализирање на економските односи меѓу Србија и Косово, што беше потпишан во Белата куќа во Вашингтон, предизвикаа мноштво реакции кај носителите на глобалната политика. Европската Унија искажа воздржаност за договорот, на кој се наоѓаат потписите на српскиот претседател Александар Вучиќ и на косовскиот премиер Авдулах, но посочи на политичките последици, особено во делот што ќе ги наруши израелско-палестинските односи, со отворање амбасади во Ерусалим. Договорот од Вашингтон предизвика интерeс и во руските медиуми. Весникот „Комерсант“ преку својот дописник од Балканот се осврна на последиците од некои аспекти од тој договор, а кои се однесуваат и на глобалните економски интереси во овој дел од Балканот.
Спроведувањето на договорот, според балканските експерти, може да има сериозни геополитички последици, ослабување на зависноста на Србија од рускиот гас и поврзување на Белград и Приштина со безбедносниот систем предводен од САД. Многу поважни се обврските преземени од Србија и од Косово во областа на енергетиката и телекомуникациите. Една од точките на договорот предвидува „диверзификација на изворите на снабдување со енергија“.

– Ова е несомнено обид за намалување на политичкото влијание на Русија во регионот. Србија и Косово исто така ветија дека нема да користат 5Г-технологии „од несигурни доставувачи“ и да се ослободат од оние што веќе се користат. Станува збор за договорот на Белград и Приштина да не ги користат кинеските технологии – објасни политичкиот аналитичар Влатко Секуловиќ во изјава за „Комерсант“.
Но главната тема од договорот, а тоа е сообраќајното поврзување меѓу Србија и Косово, остана во сенка на глобалните интереси на големите светски сили. „Вечерње новости“ со својот текст се обиде да појасни за позитивните економски ефекти од вашингтонскиот договор. Белград и Приштина од почетокот на годината интензивно договараат воспоставување сообраќајни и инфраструктурни врски. Работите за трасирањето на идниот автопат, што ќе ги поврзува Ниш и Приштина, траат долго. За оваа сообраќајница веќе е договорена и финансиска рамка, а испланирани се и роковите за почетокот на изградбата, пишува „Вечерње новости“.

По иницијатива од американскиот претставник Ричард Гренел, српската и косовската страна искажаа декларативна подготвеност за обновување на прекинатите сообраќајни врски меѓу двете земји. Во исто време беше најавено и воспоставување на авиолинија. Сегашниот железнички сообраќај се одвива до Косовска Митровица и Мердаре, но има многу административни пречки додека возот од Белград да пристигне на железничката станица во Приштина.
Изградбата на идниот автопат Ниш – Мердаре, долг 77 километри, ќе почне со делницата од Ниш до Плочник. За некој месец ќе биде објавен јавниот повик за изведувач и за надзор на работите на оваа делница, најави српската министерка за градежништво Зорана Михајловиќ. Трасата до Плочник е долга 33 километри, а градежните работи би почнале напролет следната година.
Србија склучи договор со Европската Унија, која одобри грант од 40 милиони евра. Дополнително е склучен и договор со Европската инвестициска банка на 100 милиони евра, а се подготвува и договор со Европската банка за обнова и развој на 100 милиони евра. Изградбата на оваа делница треба да трае две години.

Проценетата вредност за втората траса на овој автопат од Плочник до Мердаре до границата со Косово од 44 километри изнесува околу 579 милиони евра. Косовската страна својот дел на автопатот од Приштина до Мердаре главно го има завршено. Поврзувањето со модерна сообраќајница меѓу Ниш и Приштина ќе ѝ овозможи на Србија побрз пристап до пристаништето во Драч, Албанија.
Со размената на писма за намери меѓу Србија и Косово, потпишани во февруари годинава, се реафирмира проектот за железничко сообраќајно поврзување. Предвидено е обновување на железничката пруга меѓу Приштина, Подујево и Мердаре до Ниш. Намерата е да се забрза размената на стоки од централна Србија со Косово.

Железничката врска е можна преку два правца – Мердаре или Краљево. Првиот правец би можел да биде пругата Белград – Лапово – Крагуевац – Краљево – Приштина, која е долга 366 километри. Другата врска е преку пругата Белград – Лапово – Ниш – Дољевац – Куршумлија – Приштина, со должина од 388 километри. На првиот правец железничкиот сообраќај сега се одвива до станицата Косовска Митровица на север. На втората траса, возовите пристигнуваат до Мердаре. Пругата од Мердаре до граничната линија е неопходна, бидејќи тунелот на самата граница е срушен од бомбардирањето во 1999 година.
Обновувањето на авионскиот сообраќај би бил во соработка со „Луфтханза“, односно со „Еуровингс“, која е во состав на германската авиокомпанија.