Рускиот истражен комитет поведе предистражна постапка во врска со нападот врз руски државјанин во завчерашната акција во Косово. Михаил Красношченков е вработен во Обединетите нации, а од Комитетот наведуваат дека третманот кон него и неговото апсење претставуваат безобѕирно кршење на меѓународното право.

– Рускиот истражувачки комитет поведе истрага за инцидентот во врска со рускиот државјанин Красношчеков – соопшти прес-службата на Комитетот, пренесе ТАСС.

Во утринските часови на 28 мај, наведува Комитетот, косовската полиција упаднала во северните општини на Косово, каде што живеат српски жители, и, меѓу другите, го уапсила и Красношченков, кој ужива дипломатски имунитет.

Комитетот соопшти дека третманот кон него и неговото апсење од страна на косовските специјални сили претставува безобѕирно кршење на меѓународното право.
Агенцијата пренесе дека истрагата ќе ги опфати сите детали за инцидентот и ќе даде правна процена на акцијата преземена кон Красношченков.

Српските медиуми вчера ја пренесоа информацијата дека рускиот државјанин ќе биде пренесен на натамошно лекување во Белград.