Словенечкиот премиер Марјан Шарец не бил соодветно повикан на состанокот на кој се одлучуваше за повлекување на словенечките војници во Ирак. Шарец во изјава за ПОП ТВ ја коментираше изјавата на министерот за одбрана Карл Ерјавец дека му била испратена СМС на премиерот во три часот наутро за да оди на состанокот, што за претседателот на словенечката влада не е соодветен начин за комуникација.
– Одлуката предвреме да се вратат дома словенечките војници што беа на мисија во Ирак не му наштети на угледот на државата – изјави претседателот Борут Пахор, по големиот број критики во јавноста и политичарите дека Словенија го изгубила меѓународниот углед со ваквото решение.

Тој и Владата на Словенија по одлуката да се повлечат војници од Ирак беа под жестоки критики од опозицијата и дел од јавноста дека со ваквата одлука директно му наштетиле на угледот на армијата и на државата. Инаку, Словенија беше првата држава што по иранските ракетни напади во Ирак одлучи да ги врати своите војници дома.

Словенечкиот премиер Марјан Шарец во интервју за „Дело“ кажа дека нема никаква опасност од пад на словенечката влада. Тој практично му одговори на опозиционерот Јанез Јанша, кој пред неколку дена на гостување во една телевизија кажа дека словенечката влада е практично „клинички мртва“.
Шпекулациите во јавноста за можен пад и формирање нова влада се појавија по изјавите на Јанша дека владата на Шарец е во длабока криза, а тој на тоа гледа како на можност за формирање нова коалиција и дека на тоа се работело изминатиов период.