Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, соопшти дека специјалните косовски сили НЈСО (поранешни РОСУ) започнале да се повлекуваат од северот на Косово, јавува „Б92“.

Тој во Собранието на Србија рече дека главна причина поради која започнало повлекувањето е реакцијата на меѓународната заедница, која рече дека утринава во акциите искористиле прекумерна сила во местото Зубин Поток.

– Според информациите кои ги имаме, останати се само четири возила на НЈСО на северот на Косово и тие започнаа со повлекување. Тоа е добра вест за зачувување на мирот и стабилноста и за нашите граѓани на Косово и Метохија – рече претседателот на Србија во Собранието.

Српскиот претседател, меѓудругото, се осврна и на реакцијата на меѓународната заедница.

– Во однос на западните сили, тие јавно не излегоа со став, но на нив им рекоа дека тоа што се случи во Зубин Поток било прекумерно користење на сила и важно е брзо да се повлечат. Претпоставувам дека тоа е клучниот момент поради кој толку брзо се повлекоа – пренесе Вучиќ.

Александар Вучиќ напомена дека планот на косовските сили бил апсење на 26 лица, а 19 од нив на северот на Косово се приведени во јужниот дел на Косовска Митровица. Српскиот претседател смета дека провокациите ќе продолжат.

– Хашим Тачи рече дека не ми е дозволено да одам на Косово, бидејќи таму чека НАТО и јас тоа го знам, и знам колку е тешка ситуацијата за нас. И многу сум среќен кога Тачи е мирен и сигурен дека сè добро знае и разбира – рече Вучиќ.

Тој порача дека Србија ќе гледа да го зачува мирот, изразувајќи благодарност на српскиот народ за „храброста и јунаштвото што уште еднаш успеале да ги зачуваат српските огништа и покажале дека без оружје можат да ги чуваат своите куќи и семејства“.