Експертите за безбедност сметаат дека заминувањето на меѓународните сили од Косово би предизвикало сериозни безбедносни последици и во другите територии што се под влијание на големоалбанскиот сепаратизам

„Неидентификувани“ планери го дестабилизираат Балканот

Разни предлози, неформални изјави и замисли за преуредување на односите на Балканот деновиве беа пласирани од повеќе извори, кои внесоа дополнителна неизвесност за политичката и безбедносната иднина на регионот. Серијата од ново-стари идеи за цртање ново разграничување меѓу земјите од Западен Балкан произлезе од словенечкиот нонпејпер, за веднаш потоа од „неформални“ извори да биде објавен и нов план за уредување на односите меѓу Белград и Приштина. Неделава, лично од српскиот претседател Александар Вучиќ, беше соопштена информацијата за можно повлекување на меѓународните безбедносни сили од Косово, што може да предизвика и сериозни безбедносни и политички импликации во српско-косовските односи, но и во поширокото опкружување.
Регионот на Западен Балкан влегува во период на многу непознати доколку се земат предвид застојот со европските интеграции и отворените прашања со Косово и Босна и Херцеговина (Република Српска). Наедно, влијанието на новите државни актери во овој дел од Европа дополнително ја комплицира состојбата, имајќи ја предвид внатрешната политичка состојба во Албанија и Црна Гора. Северна Македонија со свои војници партиципира во мисијата на КФОР и на тој начин дава свој придонес кон регионалната безбедност. Според Марјан Ѓуровски, професор на Факултетот за безбедност во Скопје, какво било случување во Косово има домино-ефект врз македонската стабилност.

– Како земја-членка на НАТО верувам дека ги имаме сите информации и евентуални идни планови со меѓународното воено присуство на Косово. Гарант за регионалната безбедност се САД, кои доста внимателно и бавно се враќаат на Западен Балкан во отсуство на немање лидер од ЕУ што ќе креира решенија на отворените прашања што дополнително создаваат тензии и потенцијални ризици по регионалната безбедност на сите држави во регионот – ни изјави Ѓуровски.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, неделава изјави дека една голема сила наскоро ќе започне со официјално барање за повлекување на КФОР и УНМИК од Косово, што би било апсолутна катастрофа за нас.
– Не знам дали некој е свесен што би значело тоа, јас сум многу загрижен – истакна Вучиќ, додавајќи дека се работи за разузнавачки податоци добиени од официјални извори и дека не може да изнесе повеќе детали.
Тој посочи дека ќе го „замоли генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, да се заложи со своето влијание во западната алијанса тоа да се спречи. Од седиштето на НАТО брзо пристигна одговорот што се однесува на тоа дека „НАТО е посветено на регионот“.

НАТО со години придонесува за стабилноста на Западен Балкан и останува посветен на регионот. Нашата мисија на КФОР е врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност, за да обезбеди безбедно и сигурно опкружување и слобода на движење во корист на сите заедници што живеат на Косово, вклучувајќи го и остатокот од КФОР, што се постигнува со консензус на сите 30 сојузници – велат од НАТО.
Коментирајќи ја можноста КФОР да го напушти Косово, портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека не одлучува само една држава за повлекување на КФОР од Косово, туку дека тоа може да биде само колективна одлука. Захарова посочи дека постојат одредени структури што даваат полномоштво и испраќаат мисии во регионите, додавајќи дека тоа не се случува спонтано.
– Во рамките на овие структури се дискутира за механизмите, се носат одлуки, тоа не е одлука на една држава, туку се носи колективно, во согласност со меѓународното право. Во тие рамки, овие прашања треба да се дискутираат – рече Захарова, пренесува „Спутник“.
Захарова се осврна и на неодамнешната посета на министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, на Приштина и неговата изјава дека Хрватска има намера да отвори воена база на Косово.
– Не ни се познати плановите на хрватската страна за отворање воена база. Што се однесува до странското воено присуство во покраината, според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, само КФОР ја извршува таа функција – рече Захарова.
Претседателот на Одборот за Косово и Метохија во Собранието на Србија, Милован Дрецун, за „Новости“ изјави дека една ваква опција би значело „довршување на проектот за етничко чистење, а таквиот план би резултирал со загрозување на безбедноста на српскиот народ, што Србија не би го дозволила“. Тој посочува на фактот дека приштинските институции ги јакнат воените капацитети, а донесен е и буџетот, кој е двапати поголем во однос на претходните години. Дрецун потсети и на учеството на косовските безбедносни служби на воената вежба на НАТО во Европа – „Бранител Европа 2021“.
– Имајќи предвид дека одделни земји од НАТО интензивно се вооружуваат и обучуваат, тие се структурирани како вистинска воена организација, сосема е јасно дека овие сили евентуално би биле употребени за реализација на аспирацијата на Приштина за ставање на северот на КиМ под целосна контрола и да се протераат Србите од целата територија на КиМ. Единствен начин тоа да се направи е да го нема КФОР – вели Дрецун.

Експертите за безбедност сметаат дека заминувањето на меѓународните сили би предизвикало и сериозни безбедносни последици и во другите територии што се под влијание на големоалбанскиот сепаратизам. Професорот по меѓународно право од Правниот факултет во Белград, Бојан Милисављевиќ, забележува дека тоа не е официјален предлог, но не ја исклучува можноста и дека за тоа се разговарало во кулоарите на некои членки на Советот за безбедност на ОН.
– Советот за безбедност е адресата на која се одлучува за тоа дали мандатот на меѓународните сили би бил прекинат или сменет. Можно е тоа да се консултации меѓу членките на СБ, но не значи дека таа одлука би била усвоена, односно Русија и Кина, кои се наши сојузници, ќе бидат воздржани за ова прашање – објаснува Милисављевиќ.
За поранешниот разузнавач на Војската на Србија, Љубан Каран, најавите за повлекување на УНМИК и КФОР не се изненадување, а за оваа идеја неофицијално се разговарало и кога западните сили одлучија од косовските безбедносни сили да направат војска на Косово.
– Тогаш тие донесоа план за повлекување на КФОР и надлежностите да се префрлат на косовските безбедносни сили, кои наводно би ги штителе сите граѓани на Косово. Ова е стара идеја, но за нас таа е катастрофална. Досега сѐ било на ниво на шпекулации или во прашање се некои заткулисни игри – вели Каран за „Новости“.