Две недели по остварената победа на парламентарните избори, кои се одржаа во исто време со првиот круг од претседателските избори, од Кирил Петков нема јасни насоки на кои ќе се темели идната бугарска „влада на промени“! Во изјавата на Петков, која ја даде во неделата, тој јасно порача дека при преговорите за формирање на новото парламентарно мнозинство „нема да се следат рокови по секоја цена“

Во Бугарија заврши маратонскиот исцрпувачки изборен процес

По завчерашниот втор круг за избор на претседател на државата, Бугарија ја заокружи третата фаза од изборниот маратон, кој се одвиваше цела 2021 година. Победата на актуелниот претседател Румен Радев беше со освоени над 60 отсто од гласовите, но со мал одзив. Со завршувањето на маратонскиот исцрпувачки (и финансиски и економски, а и политички, поради парламентарната и владината криза) процес на изборите, сега следуваат долги и неизвесни преговори за поделбата на ресорите меѓу идните партнери во новата бугарска влада. И тоа дополнително ќе ги исцрпува и ресурсите и времето и нервите на една од членките на ЕУ, која по сите основи се наоѓа на нејзината „опашка“.

„Влада на промени“ со четири остри „рогови во вреќа“
Претстојат многу предизвици пред новата бугарска влада, која најверојатно ќе биде формирана од коалиција на четири различни групации, со спротивставени различни бизнис и политички интереси. Несомнено, во идната бугарска влада, која ќе биде предводена од двоецот на хардвардските дипломци Кирил Петков и Асен Василев, ќе влезат коалицијата од центарот „Демократска Бугарија“, Бугарските социјалисти и новата партија на шоуменот Слави Трифонов, именувана Има таков народ, која е силно поддржана од олигархиското лоби во Бугарија. Сите тие, под паролата за „промени“, ги здружија силите во предизборниот период против партијата на поранешниот бугарски премиер Борисов. Засега единствен заеднички именител им се критиките на адреса на ГЕРБ, за нивното претходно корупциско владеење. Останува нејасно како идниот мандатар Кирил Петков ќе успее во идното практикување на власта да ги усогласи сите барања, желби и интереси на доста фрагментираното бугарско општество.
Две недели по остварената победа на парламентарните избори, кои се одржаа во исто време со првиот круг од претседателските избори, од Кирил Петков нема јасни насоки на кои ќе се темели идната бугарска „влада на промените“! Во изјавата на Петков, која ја даде во неделата, тој јасно порача дека при преговорите за формирање на новото парламентарно мнозинство „нема да се следат рокови по секоја цена“.
– Процесот на формирање влада е транспарентен и дијалошки. Веќе се формирани 18 преговарачки тима за клучните приоритети за кои ќе се бара договор. Целта ќе бидат конструктивни детални преговори, кои подоцна ќе ги исклучат конфликтите меѓу партнерите. Се надевам дека ќе имаме дијалошки разговори за да видиме кои се нашите заеднички идеи во стратегиите. Ќе разговараме и за разликите – изјави Кирил Петков.

Радикалниот Радев ќе го има главниот збор за прашањето за Македонија?!
Наспроти политичките разлики по изборниот успех на т.н. протестни партии, речиси е извесно дека нема да има никакви промени во генералните ставови на Софија, кога станува збор за градењето на „добрососедските“ односи со Македонија. Меѓу новите владини партии речиси нема позначајни отстапувања од веќе познатите националистички ставови на бугарските партии во однос на постоењето на македонскиот идентитет и јазик. Главниот и конечен збор ќе го има бугарскиот претседател Румен Радев, кој евентуалното симнување на бугарското вето за нашиот почеток на пристапните преговори со Европската Унија го условува со прифаќање нови отстапки од македонската страна.
– Не можеме да кажеме „да“ додека не се увериме дека нашиот сосед нема да го гради својот идентитет врз кражбата на бугарската историја – е една од изјавите на бугарскиот претседател.
Својот непопустлив став кон Македонија го повтори и по освојувањето на вториот претседателски мандат.
Оттука, речиси е извесно дека во Бугарија ќе ја продолжи премолчната кохабитација меѓу претседателот на Бугарија и мандатарот во најава Кирил Петков, кој со дипломатски речник се обиде да даде „нова надеж“ за отстранување на бугарската блокада, пред 14 декември, денот кога, според (не)официјалните најави од Брисел, треба да се даде согласност за одржување меѓувладина конференција на земјите од ЕУ, со што практично ќе се даде и зелено светло за почеток на преговорите со Македонија и со Албанија. Изјавата на Кирил Петков за тоа дека „Румен Радев е претседателот со кој ќе продолжи промената“ и наедно е „вистинскиот избор за Бугарија“ го одразува идното позиционирање на Бугарија во однос на преговорите со Македонија.
Одбегнувајќи да даде директен одговор за симнувањето на ветото, Петков, по победата на изборите, изјави дека „треба да почнеме да зборуваме за сите аспекти на добрососедските односи“, како и за формирање работни групи од двете земји во кои ќе бидат вклучени не само историчари туку и луѓе од бизнисот, културата и образованието. Ова е само уште еден показател за тоа дека новата власт во Софија ќе се обиде да го одолжи формирањето на владата, од која ќе се делегираат и делегати во идните бугарско-македонски комисии, а наедно и да го намали притисокот од ЕУ, кој е сѐ посилен и се однесува на повлекување на блокадата кон Македонија.

Борисов: Бугарија поради Радев се скара со сите соседи, а се мрази со Македонија, Албанија и со Турција
Додека траат новите партиски прегрупирања и позиционирања во Бугарија, поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, ги обвини претседателот Румен Радев и некогашните коалициски партнери за водење неконзистентна внатрешна и надворешна политика.
– Радев успеа да ја скара Бугарија со сите соседи. Од најомилената земја на Балканот, Бугарија сега е скарана со сите соседи и се мрази со Северна Македонија и со Албанија, се мрази со Турција и постои реална закана од етнички конфликт и закана од илегални мигранти – обвинува Борисов.
Борисов истакна дека е срамно Радев да оди на средбите на врвот на НАТО, да ја раководи иницијативата „Три мориња“ и да кажува потоа дека Крим ѝ припаѓа на Русија. Борисов е зачуден и што потенцијалниот кандидат за премиер на Бугарија, Кирил Петков, стои покрај Румен Петков, кој го прекрши меѓународното право, а тој молчи.
Во исто време, Амбасадата на САД во Бугарија реагираше во врска со изјавата на новоизбраниот бугарски претседател, Румен Радев, дека Крим е руски.
Амбасадата на САД во Софија додаде дека САД, Г7, Европската Унија и НАТО отсекогаш биле јасни и единствени во ставот дека, и покрај обидот на Русија да го припои и актуелната окупација, Крим е украински.
Американската амбасада во Бугарија во последните неколку дена ја изрази својата длабока загриженост пред бугарските власти, како во Вашингтон, така и во Софија.