Одржлив и рамномерен развој на Европа, изградба на сообраќајна, енергетска и информатичка инфраструктура, Европа што ги штити своите граѓани и влијателна надворешна политика, се четирите приоритети на Хрватска, која од први јануари 2020 година и во наредните шест месеци, ќе биде на чело на Советот на Европската Унија. Приоритетите за време на хрватското претседавање ги објави премиерот Андреј Пленковиќ, кој најави засилување на влијанието и положбата на Хрватска во ЕУ и во светот.

– Ќе придонесеме за европското заедништво и ќе одговориме на општествените, технолошките и безбедносните предизвици. Овие шест месеци ќе ги искористиме за јакнење на свеста на нашите граѓани дека се седма година во друштвото на ЕУ – изјави Пленковиќ.

Слоганот на хрватското претседавање е „Силна Европа во светот полн со предизвици“. Пленковиќ очекува на самитот на европските лидери и земјите од Југоисточна Европа во 2020 година, што ќе се одржи во Загреб, да биде потврден европскиот пат на соседните земји.

– Посебна одговорност ЕУ има кон своето најблиско соседство. Сметаме дека треба да бидеме гарант за придобивките и стабилноста на нашето непосредно опкружување, поттикнувајќи ги реформските потези во Југоисточна Европа. Како најмлада држава-членка свесни сме за трансформациските сили во пристапниот процес. Ќе се залагаме за делотворна политика на проширување, заснована на потврдената европска перспектива на кандидатите и потенцијалните кандидати, со целосно исполнување на утврдените критериуми – порачува хрватскиот премиер.