Соочен со континуираните штрајкови на вработените во образованието и на медицинскиот персонал, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ потклекна пред притисоците и најави зголемување на платите во јавниот сектор за 6,12 отсто. Ова покачување се прави во пресрет на претседателските избори во Хрватска и кога актуелната власт се соочува со пад на рејтингот кај граѓаните. Економските експерти коментираат дека оваа „дарежливост“ на Пленковиќ ќе го оптовари државниот буџет од 2020 година со дополнителни финансиски расходи од 1,1 милијарда куни. Хрватска и досега имаше најголеми издатоци за јавната администрација, која учествува со 12 отсто во БДП, што е највисоко во земјите-членки на Европската Унија.

Претседателот на здружението на даночни обврзници „Липа“ Давор Хуиќ, во емисијата „Пресинг“ посочи дека ова покачување на платите не беше тешко да се предвиди.
– Секогаш во прв план се ставаат луѓето што работат со децата, а тоа се просветните работници и медицинските сестри, кои си ја извршуваат својата работна обврска. Така се игра со емоциите и солидарноста од граѓаните. Но зад нив стојат 250.000 „невидливи“ лица, од кои еден дел ја извршуваат својата работа, но и голем дел од нив што не ја заслужуваат платата – вели Давор Хуиќ.
Економистите посочуваат на фактот дека Владата и синдикатите фундаментално се на исти позиции, а ваквиот однос резултира со линеарно покачување на платите во јавната администрација и кумулативен пораст на масата за плати. Во последните четири години платите пораснале за 8 милијарди куни, со номинален раст од 20 милијарди куни и реален раст од 17,5 отсто, додека растот на економијата во истиот период изнесува 10 отсто.

– Ова долгорочно е неодржливо и претставува антиреформски потег. Реформски процес би бил Владата да го реорганизира јавниот сектор, а не да го надувува овој неефикасен и прескап јавен сектор, кој не испорачува резултати за граѓаните, ни услуги какви што посакуваме. Ова е антидемографски процес, затоа што луѓето ќе заминат надвор. На граѓаните им е преку глава од клиентелизмот, корупцијата и од тоа што сите проблеми се концентрирани во јавниот сектор, а ние сега ги наградуваме со покачување од шест отсто. Јавниот сектор расте побрзо од економијата и кој ќе го плати тоа? – вели Хуиќ.

Според првите неофицијални пресметки, Владата на Пленковиќ се одлучи на бирократите да им додели месечно покачување од 500 куни, за сметка на тоа вработените во приватниот сектор и тоа оние што имаат месечни приходи од 5.000 куни ќе профитираат со 48 куни, на основа на намалување на данокот на доход. Тешко е да се пресмета колку ќе биде зголемена платата на секој поединечен јавен службеник, пишува „Вечерњи лист“.

Од 2017 година основната плата на јавните и државните службеници и функционери е зголемена за девет отсто. Просечната плата во образованието, здравството и јавната управа пораснала од 640 до 818 куни, а во овој износ би влегувало и новото покачување на платите. Затоа Хрватското здружение на работодавци бурно реагираше на најавата на хрватскиот премиер и предупреди дека државниот апарат е преобемен, прескап и неиздржлив.

Министерот за финансии Здравко Мариќ објасни дека основицата за плати ќе се зголемува во три фази, со што платите на вработените во државната администрација ќе се зголемат за 18,3 отсто.