ХДЗ е под постојан притисок од десно и е изложена на опасноста нејзините гласови да бидат преземени од другите партии што претпочитаат националистичка политика

Дали претстојните избори за европскиот парламент ќе бидат почеток на крајот на владата на премиерот Андреј Пленковиќ или тоа ќе биде нивен нов триумф? Дали десницата во Хрватска со радикална женска екипа на листата за европратеници може да ѝ наштети на ХДЗ? Ова се главните прашања со кои се занимаваат медиумите во Хрватска во пресрет на изборите за членови во новиот Европски парламент, кои ќе се одржат на 26 мај. Првите проекции за освоени пратенички мандати што се направени од Европската Унија покажуваат дека владејачката десничарска партија ХДЗ ќе освои шест места, опозициската СДП ќе освои три, Жив ѕид два и Мост еден пратеник. Прогнозите се дека партиите од крајната десница во Хрватска нема да освојат доволно гласови за преминување на изборниот праг.

Во меѓувреме беа направени повеќе анкети во кои ХДЗ редовно „добивал“ пет или шест мандати во Европскиот парламент, СДП постојано освојува три, а кај другите партии имало варијации за освоените места. Во сите истражувања на јавното мислење ХДЗ има двојно повеќе гласови од СДП, во сооднос од 32 отсто за ХДЗ, наспроти 17 за СДП. Меѓутоа, неделава во анкета на агенцијата 2×1 ХДЗ има мала предност пред СДП. Оваа агенција досега имаше најблиски резултати со освоените гласови на претходните избори, што би значело дека ХДЗ ќе освои четири места во Европарламентот.

Во анализата за политичката состојба во Хрватска, „Индекс“ пишува дека претседателот на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, кој е сигурен во својата победа, состави листа за европратеници за која многу видни партиски членови се разочарани. Главните коментари се однесуваат на тоа што Пленковиќ не ставил ниеден „тврд“ кандидат што со можноста за преференцијално гласање би привлекол значителен број гласачи од крајната десница.

Првата недела од кампањата покажа дека темите за кои говорат кандидатите од ХДЗ се апстрактни и досадни за нивните традиционални гласачи, што само го подгреа незадоволството во партијата од „тенката“ понуда. ХДЗ е под постојан притисок од десно и е изложена на опасноста нејзините гласови да бидат преземени од другите партии што претпочитаат националистичка политика. Колку е значаен секој глас покажуваат последните европски избори кога за еден мандат одлучуваат само 204 гласа разлика.

Но за некои политички аналитичари бројот на освоените мандати за Пленковиќ во овој момент не е најзначаен.

– Мислам дека неговата цел е нешто друго. Тој со ваквата листа на кандидати сака да ја претстави ХДЗ таква како што посакува да ја направи. Повеќе сака со овие избори да ја реконструира партијата, посилно да ги профилира своите луѓе и да се „откачи“ од внатрепартискиот товар, отколку да освои еден мандат повеќе во Европскиот парламент – оценува аналитичарот Ивица Релковиќ.

Пленковиќ не се обиде да придобие и повеќе гласови во коалиција со друга партија, затоа што искуството покажува дека нивниот кандидат секогаш ѝ врти грб на ХДЗ.
– Да освои и пет европратеници, Пленковиќ тоа нема да го прикаже како пораз. Сигурно главниот конкурент СДП нема да освои четири или пет мандати и со тоа да ризикува опасно приближување од опозицијата. Пленковиќ ќе освои двојна предност, ќе добие шест мандати и ќе има свои доверливи луѓе во Брисел. Сето ова зависи од одзивот, од кој зависи и шестиот мандат. ХДЗ е посигурен ако одзивот е помал – заклучува Релковиќ.

Отежнувачки услов за ХДЗ е што на последните локални избори во Лика не успеа да оствари резултат што му овозможува да владее во оваа општина. Потоа за европските избори цела Хрватска е една изборна единица и нема да може да се користи предноста на поголемите партии при поделбата на мандатите со Донтовиот модел. И трето и најважно е што на овие извори понудата на другите партии е многу подобра.