Информациите дека хрватскиот премиер и претседател на владејачката партија ХДЗ, Андреј Пленковиќ, би можел да преземе некоја водечка функција во телата на Европската Унија, ги отворија прашањата за можните влијанија на внатрешниот политички живот во Хрватска, пред сѐ за опстојување на сегашната влада. „Јутарњи лист“ ја пренесува информацијата објавена во „Фајненшл тајмс“ за тоа дека Пленковиќ конкурира за избор на претседател на Европскиот совет. На новата функција тој би се нашол во декември, кога истекува мандатот на актуелниот претседател на ЕС, Доналд Туск, а дотогаш има доволно време и да се избере наследникот на Пленковиќ.

Статутот на партијата не предвидува отстапување од лидерската функција доколку лицето преземе некоја повисока функција Во однос на вршењето на премиерската функција, состојбата е посложена. Доколку се сака да се избегнат предвремени избори во Хрватска, Пленковиќ ќе мора веднаш да го подготви теренот за негово заминување. Тој до средната на август ќе треба да покаже дека има 76 пратенички потписи за поддршка на новиот мандатар. Од разговори со претставници на ХДЗ и нивните коалициски партнери не е познато кои се плановите на премиерот Пленковиќ, пишува „Јутарњи лист“.

Од ХНС не се подготвени за сценариото за избор на нов премиер и не можат да замислат дека Пленковиќ ќе поднесе оставка, што би значело дека неговиот мотив за водење на партијата и на Владата бил само отскочна штица за повисока европска функција.

Зоран Милановиќ, поранешниот хрватски премиер и кандидат за избор на претседател на Хрватска од опозицискиот СДП, изјави дека и тој во 2014 година имал можност да замине во Брисел на посигурно место, но дека го одбил тоа.

– Прашањето е дали луѓето веруваат во оној за кој сметаат дека има резервна опција. Кога ќе дознаат дека премиерот има резервна позиција што се пишува со шест нули, тогаш граѓаните знаат дека не си нивен – вели Милановиќ.

Од хрватската влада ни самиот Андреј Пленковиќ не реагираа на информацијата што беше објавена во странските медиуми за заминувањето на сегашниот премиер. Ова значи дека Пленковиќ ќе ја прифати новата функција доколку му биде понудена, но дека засега молчи за да не излезе дека е губитник доколку не биде избран за претседател на Европскиот совет, пишуваат хрватските медиуми.