Претседателот Зоран Милановиќ и премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, кои пристигнаа со цела делегација во Петриња, пред медиумите изјавија дека сите служби кои ги има државата се ставени на располагање за разурнатиот град. Двајцата велат дека градот ќе се обнови, а луѓето времено ќе се изнесат од таму, бидејќи таа локација не е сигурна.

– Сите се тука, војската е тука. Доаѓаат итните служби од Загреб. Војните хеликоптери се ангажирани. Ќе мораме да најдеме алтернативно сместување, ќе се донесат контејнери. Луѓето ќе ги тргнеме од Петриња, зaшто овде не е сигурно, тоа е јасно како ден. Сите служби ги упативме тука. Ова е трагедија – рече хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Претседателот Зоран Милановиќ вели дека емотивната штета е тоа кое не може да се надомести.

– Ќе бидат потребни многу пари, но ќе се најдат. Овој град ќе биде обновен, но емотивната и духовната штета не ќе може да се надомести. Луѓето се преплашени. Петриња ќе биде обновен, со пари од Европската Унија – рече хрватскиот претседател кој бил во Загреб за време на земјотресот и видел како и таму луѓето бегаат, иако, како што кажа, таму има посовремени градби.