Бриселскиот дијалог меѓу Белград и Приштина би бил бесмислен доколку приштинскиот парламент го усвои предлогот на косовската влада за новата платформа на дијалог меѓу двете земји, но тоа не значи дека ќе биде напуштен разговорот во ЕУ, пишува „Политика“.
Новиот документ на владата на Рамуш Харадинај е бесмислен, затоа што во него е предвидено разговорот во Брисел да заврши со заемно признавање и со самопрогласување на државата Косово, на што претседателот на Србија Александар Вучиќ нема да се согласи. Владата на Рамуш Харадинај се одлучи на овој потег бидејќи парламентарната криза на Косово по излегувањето на пратениците од Српската листа од извршната власт ќе биде решена на вонредни парламентарни избори, најверојатно во јуни годинава.

Претседателот на Србија, Вучиќ, вели дека тешко ќе биде постигнат компромис со косовските Албанци, затоа што кај приштинските власти не постои никаква волја да се случи тоа. Заменик-премиерот на Косово, Енвер Хоџај, претходно изјави за „Клан Косово“ дека би требало да постои политички консензус за развој на дијалогот меѓу Косово и Србија, и дека е крајно време да има јасна претстава за овој процес.
– Во таков процес неопходно е да се има јасна цел. Како да се соочиме со Србија, која е против независноста и постојано вложува напори да го загрози интегритетот на Косово? Исто така, се соочуваме со стратегиски противници. Во овој процес мораме да имаме јасен меѓународен контекст на Косово. Предложивме за оваа тема да се решава со Собранието, да се седне и да се разговара на начин за да се оди понапред во политичките процеси – изјави Хоџај.