Фото: Маја Јаневска-Илиева

Само третина од становите во Србија се купени со банкарски кредити, а високото учество на готовината во прометот на недвижности упатува и на други извори на граѓаните

Само 35 отсто од становите што биле купени претходниот месец во Србија биле платени со станбени кредити. Лани повеќе од две милијарди евра се потрошени на купување станови, а повеќето се платени во готовина. Овие податоци предизвикаа внимание кај стручната јавност, ако се има предвид дека просечната плата во Србија изнесува околу 500 евра, а многу од граѓаните месечните приходи ги трошат за покривање на секојдневните потреби. Ваквата состојба на пазарот на недвижности се должи на тоа дека купувањето станови е начин на штедење и на инвестирање на српските граѓани, но и за сомневање дека зад големиот кеш во купувањето станови се кријат нелегални трансакции и перење пари, пишува белградскиот весник „Новости“.
Агентот за недвижности Пеѓа Девиќ објаснува дека на почетокот на некоја трансакција за купување стан постои некој заем.
– Околу 90 отсто од парите со кои се купува покрив над глава во Србија има потекло на заем. Често наследената недвижност се продава и со додавање пари од некој готовински кредит се купува друга недвижност. Овие пари, штом не се од станбен кредит, се евидентираат како кеш – вели Девиќ.
Во Србија е ограничено готовинското плаќање на 10.000 евра, а над тој износ треба да се докаже потеклото на парите. Србислав Цвејиќ, претседател на Нотарската комора, вели дека проблематични случаи за перење пари годишно изнесуваат околу 300. Најчесто недвижноста се продава по помала или по значително повисока цена од пазарната вредност.

– Доколку купувачот на недвижности сака да вложи во банка повеќе од 10.000 евра, мора да помине трнлив пат за да го докаже потеклото на парите пред банкарските службеници. Наше мислење е дека проработил секундарниот пазар на недвижности и затоа има малку станови што се купени на кредит, односно тоа се прави со доплата на сумата што е обезбедена со претходна продажба на недвижност. Кај 140 илјади станови купени на кредити, главно станува збор за заеми за помали суми од 30 илјади евра – вели Владан Васиќ, претседател на Здружението на банките во Србија.
Жељко Радовановиќ, директор на Управата за спречување на перењето пари, вели дека секаде во светот и во Србија прометот со недвижности е означен како дејност од висок ризик од перење пари.
– Со последните измени на законот, потеклото на парите што не можат да се докажат со наследство, подарок или по друга основа, се оданочува со 70 отсто – вели Радовановиќ.
Во купопродажбата на недвижности во Србија се вртат од 30 до 40 милијарди евра за готовина. Секоја година предмет на продажба се околу 80 илјади објекти платени во готовина. Од нив околу пет отсто можат да се објаснат со заштедите на печалбарите, со кредити или со замена. Целиот промет на недвижности учествува со десет отсто од БДП на Србија, нагласуваат економистите.