За германската канцеларка Ангела Меркел промената на границите меѓу Србија и Косово би била еднаква на отворање на Пандорината кутија, затоа што слични конфликти има низ цела Европа

По одржувањето на берлинскиот состанок за земјите од Западен Балкан, на кој централна тема беше прашањето за Косово, продолжија спротивставените изјави од Белград и од Приштина за тоа кој ја добил или не ја добил поддршката од Германија и Франција, под чие покровителство се одржа овој балкански самит. За разлика од српските и косовските медиуми, кои се обидуваат да ја пласираат сопствената вистина, германските весници излегоа со сопствени погледи за овој настан, кој се одржа во понеделникот оваа недела, а основната поента е дека во Берлин е „погребана“ идејата за промена на границите и размена на територии меѓу Србија и Косово.

На конференцијата за Западен Балкан, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон се обидоа да посредуваат во конфликтот меѓу Србија и Косово, кој носи опасност за стабилноста во регионот и во Европа, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Сѐ поголемата напнатост меѓу двете земји има негативни последици и во другите земји во кои живеат голем број Албанци или Срби. Затоа е добро германската влада, заедно со Франција, повторно да му посвети поголемо внимание на овој регион и притоа да се спротивстави на планот за размена на територии меѓу двете земји, заклучува германскиот весник.

Берлинскиот весник „Тагесшпигел“ го застапува ставот на Ангела Меркел дека промената на границите би била еднаква на отворање на Пандорината кутија, затоа што слични конфликти има низ цела Европа. Добар пример за тоа е Унгарија, која со повлекување на новите граници по Првата светска војна изгуби половина од својата територија и своето население. Оваа траума сѐ уште ја оптоварува унгарската политика и во цела Југоисточна Европа, нагласува „Тагесшпигел“.

Минхенскиот весник „Зидојче цајтунг“ смета дека целта на берлинскиот самит била да се усогласат заедничките европски политики на Западен Балкан и да се даде нов импулс на комплицираната состојба во регионот, на која се совпаѓаат интересите на Русија, Турција и Кина.

Белградска „Политика“ во својот коментар посветен за одржувањето на берлинскиот самит ја гледа можноста Приштина да се соочи со притисоци од Франција и Германија, за укинување на царините за српските производи, а Александар Вучиќ може да очекува предност на „техничкиот“, но не и на политичкиот фронт.

За разлика од српската јавност, која континуирано се држи во информативен мрак за сѐ што се случува околу Косово, приштинските медиуми отворено пишуваа дека идејата за размена на територии е исклучена, со што би пропаднал и официјалниот државен став на Србија. Со ова повторно се враќа во опција планот за воведување „двоен суверенитет на Косово“, а за возврат Белград да го прифати членството на Косово во ОН. Овој план од страна на српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ беше отфрлен како неприфатлив.