Хрватска

Хрватскиот национален штаб за цивилна заштита ќе спроведе пилот-проект за одржување разни настани во кои ќе учествуваат само целосно вакцинирани граѓани, односно луѓе кај кои минале две седмици од втората доза на вакцината.
Потоа ќе бидат организирани собири на кои ќе бидат присутни оние што имале коронавирус во последните шест месеци, пренесува „Јутарњи лист“. Една недела по настанот, учесниците на ваквите собири ќе бидат тестирани со ПЦР-тестови и ако се покаже дека немало пренесување на инфекцијата, постепено ќе се зголеми бројот на оние што ќе можат да присуствуваат на вакви настани. Сите учесници ќе учествуваат доброволно, а за време на настанот нема да носат маски или да одржуваат физичка дистанца.
Од резултатите зависи дали следниот чекор кон поголемо отворање ќе биде дозволување концерти и други поголеми настани со повеќе луѓе што имаат некаква форма на заштита.