Во поранешното земјоделско стопанство во близината на Зрењанин биле затворени хрватските воени заробеници

Во Хрватска, според службената евиденција, има регистрирано 7.802 лица што на почетокот на 1990-тите години биле во логорите и во затворите во Србија, која одбива да им исплати соодветен надомест

Хрватска

Хрватската влада даде ветување дека финансиски и стручно ќе им помага на поранешните логораши за поднесување тужба против Србија, за исплата на отштета за времето поминато во логорите за време на последната војна. Станува збор за 5.000 лица што планираат да почнат судска постапка до крајот на годината. Во Хрватска, според службената евиденција, има регистрирано 7.802 лица што во почетокот на 1990-тите години биле во логорите и во затворите во Србија. Невладините организации и здруженија велат дека нивниот број е повисок. Само во Вуковарско-сремската жупанија се „признаени“ 3.560 логораши, пишува Радио Слободна Европа.
Црна Гора ја призна одговорноста за хрватските војници, полицајци и цивили заробени во 1991 година на воените зони во Дубровник и на затворениците во логорот „Морињ“ и ја исплати отштетата. Србија сѐ уште не обесштетила ниеден хрватски војник, полицаец или цивил што бил затворен во логорите на српска територија. Иако, логорашите одамна имаат поднесено тужби пред надлежните судови во Србија, ни 29 години по заробувањето на лицата нема ниедна пресуда, ниту исплатена отштета. Поради тоа хрватската влада формирала комисија што ќе помогне во овие процеси.
– Со основање една вакво мултидисциплинарна комисија, ние на логорашите ќе им понудиме стручна и секаква друга помош и ќе помогнеме во водењето на постапката во која тие ќе бараат надомест на штета за тоа што го преживеале. Факт е дека тие биле насилно однесени, недвосмислено поминале низ тортура и насилство, а секако некој мора да преземе одговорност за тоа и на луѓето да им исплати обесштетување – вели министерот за правосудство на Хрватска, Дражен Бошњаковиќ.

Во случај на одбивање на тужбите во Србија, хрватските логораши правдата ќе ја бараат пред судот во Стразбур. Претседателот на жупаниската подружница на „Хрватското друштво на логораши во српските концентрациони логори“ и поранешен логораш на Вуковарско-сремската жупанија, Драгутин Гузовски, очекува максимална поддршка од хрватската влада.

– Полека се подготвуваме за пред меѓународниот суд. Мораме да ги почитуваме сите правни процедури. Има три судски нивоа во Србија што мора да се поминат, за да може да се обратиме до Европскиот суд за човекови права – вели Гузовски за РСЕ.
Тој бил заробен во декември 1991 година во Вуковар, како директор на комунално претпријатие бил командир на вод во вуковарската бригада на хрватската војска. Бил затворен во Сремска Митровица и поминал во самица 126 дена. Со последната голема размена на затвореници во август 1992 година, бил ослободен по девет месеци поминати во затвор и логор. Тој е еден од 45-те поранешни логораши што на судот во Белград ја тужел државата Србија. Во тек се главните расправи, но Военото правобранителство на војската на Србија ја одбива вината, тврдејќи дека во Хрватска немало оружен судир на меѓународно признаени држави. Односно, Хрватска била меѓународно признаена на 19 мај 1992 година, со приемот во Обединети нации. Според српската страна, тогаш во Хрватска се водела граѓанска војна, а хрватските војници се „сметаат“ за бунтовници.
Хрватскиот европарламентарец, поранешен хрватски војник и заробеник по падот на Вуковар и логораш во Сремска Митровица и во Ниш, Предраг Матиќ, во изјава за РСЕ вели дека не е изненаден што Србија не сака да им ја исплати воената отштета на логорашите од Хрватска.

– Србија не признава дека учествувала во војна во Хрватска, а особено не признава постоење на логораши од Хрватска на српска територија. Обесштетувањето на логорашите ќе биде еден од условите на Хрватска при идното евентуално пристапување на Србија во Европската Унија. Тоа треба да се реши на задоволувачки начин. За почеток ќе биде доволно тие да признаат дека логорите во Србија постоеле – вели Матиќ, кој бил и министер за бранителите во владата на левиот центар од 2011 до 2016 година.
Иницијативата на хрватската влада за обесштетување на поранешните логораши се гледа во рамките на скорашните внатрепартиски избори во владејачката Хрватска демократска заедница. Логорашите се сомневаат дека по изборот на новиот партиски лидер, ова прашање повторно ќе биде заборавено. Низ заробеничките логори во Србија поминале околу 30 илјади хрватски граѓани, а околу 300 од нив биле убиени или починале, покажуваат извештаите на невладините организации.