Пет лица починаа од грип во Црна Гора во текот на минатата недела, соопшти Институтот за јавно здравје.

Во извештајот од Институтот се наведува дека меѓу починатите има и двегодишно момче. Починати се тројца мажи на возраст од 54, 82 и 83 години и една жена од 46 години.

– Освен жената за која не се знае дали била вакцинирана, останатите не биле вакцинирани против сезонски грип – се наведува во соопштението.

Пријавени се 386 лица со симптоми на грип, што е двојно повеќе во однос на претходната недела и трипати повеќе во однос на истиот период минатата година.

– Се наоѓаме во фаза на епидемија на грип и се очекува да кулминира во наредните недели, по што бројот на заболени ќе почне постепено да опаѓа – се наведува во соопштението.

Најголем број заболени се на возраст од 20 до 64 години, околу 60 отсто, додека постојано се зголемува бројот на заболени деца, што се смета дека е резултат на враќањето во училиште и градинка.