Тешка сообраќајна несреќа, во која загинаа пет лица, од кои три деца, се случи денеска, нешто по 13 часот, на магистралниот пат Сува Река-Дуље во централно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Извори од косовската полиција неофицијално за „Газета Експрес“, изјавија дека сите петмина загинати се членови на едно семејство – двајцата родители и нивните три деца.

Полицијата соопшти дека во несреќата учествувале патничко возило марка Бе-Ем-Ве и автобус.

– Околу 13:20 часот на магистралниот пат Сува Река-Дуље се случи страшна сообраќајна несреќа, во која животот го загубија пет лица – двајца возрасни и три деца. Смртта на сите петмина е утврдена од страна на службата за врза помош која излезе на местото на настанот. Судирот се случил меѓу возило Бе-Ем-Ве и автобус, изјави портпаролот на полицијата за регионот на Призрен, Хазир Бериша.

Според косовските медиуми, местото на кое се случи денешната трагедија, кај месноста Бираќ, е познато како „црна точка“, бидејќи во минатото на тоа место се случиле повеќе сообраќајки, од кои некои со трагични последици.