Невладината организација „Грин хоум“ поднесе петиција до Собранието на Црна Гора за прогласување мораториум за изградба на мали хидроцентрали, а сите договори за концесија кои се склучени до 2016 година да бидат раскинати, поради непочитување на Законот за концесии. Извршната директорка Наташа Ковачевиќ, која ја предаде петицијата, побара прекинување на одобрувањето и обновувањето на енергетските дозволи за изградба на објектите сѐ додека не се спроведе стратегиска процена за влијанието на животната средина.

Министерката за економија, Драгица Секулиќ, изјави дека Владата на ЦГ повеќе нема да издава нови концесии за изградба на мали централи со повластен статус за откуп на струјата, но ќе биде оставена можноста за изградба на мали централи чии сопственици би ја продавале струјата по пазарни услови, без субвенции кои би биле наплатувани од сметките на потрошувачите.

Ова значи дека сите кои досега ги изградиле малите централи и оние кои се во тек на изградба, а нивниот број е над 50, да ги задржат привилегираниот статус и гарантираната цена за продажба на струја со одобрени субвенции, пишува „Вијести“.
Црна Гора во проектите за малите хидроцентрали влезе стихијно и непромислено и беа занемарени приоритетите за заштита на животната средина, оневозможување на правото за пристап на водата. Од 2008 до 2016 година се потпишани околу 50 договори за концесии за мали централи, без да се почитува општиот План за давање на концесии за користење на водотеците.

Минатата година, од малите хидроцентрали биле произведени 103 гигаватчас електрична енергија, а загубите во дистрибутивната мрежа изнесувале 516 гигавати. Граѓаните преку сметките за струја платиле околу 30 милиони евра за да им се исплатат субвенциите за малите централи.