Преземањето на претседателската палка се случува во неповолен политички амбиент за проширување на ЕУ, особено што во претходниот шестмесечен мандат на Португалија не беа направени никакви исчекори во правец на приближувањето на регионот кон ЕУ. Ако Словенија се фокусира на „санирање на последиците“ од (не)работењето на Португалија како претседавач на ЕУ, тогаш и во вториот дел на годинава мака ќе мачиме со „проширувањето“

Словенија нов претседавач на Советот на Европа

Словенија од вчера го презеде шестмесечното претседателство со Европската Унија, а тоа значи и нови надежи за конечен почеток на преговорите на Македонија и на Албанија за зачленување во Европската Унија. За словенечкиот премиер, Јанез Јанша, и неговата влада посветувањето на процесот на проширување кон земјите од Западен Балкан е високо на приоритетите за време на претседавањето на Советот на Европа. Преземањето на претседателската палка се случува во неповолен политички амбиент, особено што во претходниот шестмесечен мандат на Португалија не беа направени никакви исчекори во правец на приближувањето на регионот кон ЕУ. Додека Србија и Црна Гора не успеаја да затворат некои поглавја од преговорите и лошо поминаа, се чини најлошо поминавме ние и Албанија, поради блокадите од Бугарија во однос на пристапниот процес на нашата земја, поради познатите и апсурдни услови на Софија, кои навлегуваат во македонскиот национален идентитет и историја.

Прогнозите да се случат некои позначајни промени на европскиот пат на Западен Балкан во наредниот шестмесечен период се доста неповолни. Владата во Љубљана на почетокот од претседателствувањето ќе треба да ги санира „последиците“ од последните денови на претседавањето на Португалија, за самоволното толкување на нивната шефица за Европа за постоењето на „северномакедонскиот јазик“, што го дискредитира т.н. Португалски план за надминување на спорот меѓу Бугарија и Македонија. Да не заборавиме и на објавувањето на „словенечкиот нонпејпер“ за промената на границите на Балканот, што предизвика бура реакции во земјите од Западен Балкан. По ова, од официјална Љубљана неколкупати беше искажувана заложбата за побрза интеграција на регионот во Европската Унија, но тоа не беше доволно за да се врати довербата кај граѓаните од овие простори во европскиот процес.
Во насока на подобрување на довербата е и изјавата на словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар, кој вели дека Словенија во наредните шест месеци ќе се фокусира на социоекономското заздравување од пандемијата на ковид-19, интеграцијата на Западен Балкан и на владеењето на правото. Покрај заздравувањето по здравствената криза, централни теми на разговорите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и словенечкиот премиер, Јанез Јанша, ќе биде и пристапувањето кон зелена и дигитална транзиција. Се очекува при посетата на Словенија, Лејен да разговара и за словенечкиот план за заздравување од последиците на пандемијата, со кој Љубљана треба да повлече 2,5 милијарди евра од европските фондови.

Фокусот на Словенија е насочен на Западен Балкан и во нејзиниот мендат во октомври ќе биде организиран самит на шефови на држави и влади. Но таа како европски претседавач ќе мора да биде посветена и на други прашања, како што е посредувањето во спорот меѓу Брисел и Унгарија и Полска поради кршење на владеењето на правото. Словенечката влада го поддржува јакнењето на владеењето на законите и европските вредности, но Јанша се смета за близок сојузник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, со што би се соочил и со „судирот на интереси“, пренесува „Нова“.
Колку внатрешните проблеми во ЕУ ќе ѝ дозволат на Словенија да се посвети на својата примарна цел кон Западен Балкан останува да се види. Но Јанез Јанша се соочува и со проблемите на домашната политичка јавност. Последните месеци тој беше изложен на критиките поради неговите твитови за нападите врз новинарите од Словенија и странство.
– Мислам дека постојат силни тензии меѓу словенечкото претседавање, нивните предлози и институции на ЕУ – вели Урош Есих, колумнист на дневниот весник „Дело“, пренесува „Дојче веле“.
Европската комисија ја предупреди словенечката влада по одлуката за замрзнување на финансирањето на единствената словенечка новинска агенција СТА. Јанша претходно ја нарече за „национален срам“, поради критиките од агенцијата на неговиот пристап на решавање на здравствената криза. Јанша и неговиот полски колега беа единствените европски лидери што му дадоа поддршка на Орбан за законот насочен против ЛГБТ-заедницата во Унгарија.