Минатата недела Александар Вучиќ објасни дека Србија ќе продолжи да соработува со светот, а Белград останува доследен на политиката за воена неутралност

Западните медиуми го објавија извештајот на Пентагон во кој се оценува дека Србија е најпопустлива во опкружувањето на Западен Балкан, кога станува збор за руското влијание, а воената соработка со САД и натаму е комплицирана поради настојувањето на земјата да остане воено неутрална и да не пристапи кон воените сојузи. Предавачот Едвард Џозеф од универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон смета дека по изнесените ставови на Пентагон, неопходна е промена на односот на Запад кон претседателот на Србија, Александар Вучиќ, особено поради соработката со „руските разузнавачки служби“, а Србија и Русија ја интензивирале соработката по доаѓањето на власт на Српската напредна партија.

Ваквото мислење, според политикологот Александар Павиќ, претставува одраз на загриженоста на САД за тоа дека „Србија останала единствена дупка на тепихот“.
– НАТО станува нервозна затоа што не ја заврши работата во регионот, а тоа е Србија и Босна и Херцеговина да се воведат во Алијансата. Настаните со заедничката српско-руска вежба „Словенско братство“ и со прикажувањето на оружјето „С-400“ во Србија, го вклучи алармот во западните центри, особено во Вашингтон и во Лондон – вели Павиќ за „Новости“.

Минатата недела Александар Вучиќ објасни дека Србија ќе продолжи да соработува со светот, а наскоро, како што рече, со американските пријатели ќе бидат потпишани важни договори за изградба на коридорот во близината на Крагуевац, но и дека во Сочи ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

– Притисоците на Србија и обвинувањата што доаѓаат од различни страни говорат за исправноста и силината на нашата политика на самостојност и независност. Од Америка нѐ обвинуваат дека сме блиски со Русите, а некои во земјата зборуваат за тоа дека сме против Русите. Никој нема во мое име да донесува одлуки, никој, ни во Вашингтон, ни во Брисел, ни во Москва – изјави Александар Вучиќ, претседателот на Србија, како коментар на извештајот на Пентагон и предупредувањето поради соработката со Русија.
Во извештајот на Министерството за одбрана на САД за Балканот, Русија се обвинува дека сака да ги истурка Америка, ЕУ и НАТО од регионот, а на српскиот претседател му се забележува дека по доаѓањето на власт воената соработка со Москва забрзано расте. Во овој извештај детално се наведува сето вооружување што го набави Србија од руските партнери.

Надворешнотрговскиот аналитичар Немања Старовиќ забележува дека експлицитното споменување на претседателот Вучиќ и неговата партија во документот на Пентагон е невообичаено, но смета дека извештајот пресудно ќе доведе до некои драматични промени во односите со Вашингтон и со Белград.
– Пентагон е едно од четирите места на кои се креира надворешната политика на САД, покрај Белата куќа, Стејт департментот и Конгресот. Оваа состојба укажува на каков предизвик е изложена српската политика за воена неутралност, која претставува единствен и исправен курс – вели Старовиќ за „Новости“.

Дејана Милетиќ од Центарот за проучување на глобализацијата не е изненадена од засиленото интересирање на САД за Србија и регионот и „играта на притисок“ за да се отстапи од стратегијата за воена неутралност.
– Изненадува ригидноста со која САД ја спроведуваат таа политика, а која им штети на нивните сопствени интереси, затоа што со ова Србија ја туркаат во рацете на Русија и Кина – вели Милетиќ.