Многу пензионери, кои и така беа на работ на опстанокот, донесе до просјачки стап, а некои од нив ја изгубија и сопственоста над единствената недвижност што ја поседувале

Сѐ поголем број хрватски пензионери се соочуваат со извршителите и се принудени од ниските пензии да исплатуваат алиментација за внуците. За ваквата состојба се виновни измените на Законот за семејство од 2014 година, кога била вградена обврската за супсидијарно здружување на децата со бабите и дедовците, што подразбира можност тие да плаќаат за алиментација на своите внуци, затоа што нивните деца не ја плаќаат навремено. Ова, како што пишува „Слободна Далмација“, многу пензионери, кои и така беа на работ на опстанокот, донесе до просјачки стап, а некои од нив ја изгубија и сопственоста над единствената недвижност што ја поседувале.

Пензионерите што се соочувале со овој проблем сѐ почесто бараат помош во правното советувалиште на Синдикатот на пензионерите во Хрватска, за да излезат од состојбата за која се нашле и тоа не поради своја вина. Во еден пример брачен пензионерски пар, по смртта на својот син во сообраќајна несреќа, добил обврска за плаќање алиментација за внуците, иако децата имаат право на семејна пензија. На бабата со судски налог ѝ се симнуваат 600 куни од пензијата во износ од 1.500 куни, а од дедото, кој прима пензија од 3.500 куни, уште 900 куни. Во друг случај на една баба за издржување на внукот ѝ се одзема половина од пензијата затоа што синот не ги извршува своите родителски обврски, а тој воопшто не комуницира со својата мајка и живее некаде во странство. Во трет случај еден старец на 80 години е принуден да го плаќа каприцот на поранешната снаа, иако таа е добро ситуирана, но сака да ја извлече и последната куна за алиментација за двете внучиња и со тоа да му се одмазди на поранешниот сопруг.

Иако владее општото уверување дека со полнолетството на детето престанува секој пренос на законски обврски од родителите, во хрватското законодавство тоа не е случај и таа врска никогаш не се губи. Државата не сака да се откаже од можноста од најранливата категорија граѓани да изврши принудна наплата.
Од Синдикатот на пензионерите во Хрватска бараат итна интервенција на постојниот Закон за семејство и својата иницијатива ја доставиле до хрватското собрание. Во приговорот тие го поставуваат прашањето дали е логично бабата до својата смрт да одговара за обврските на своите неодговорни и неспособни синови. Синдикатот нагласува дека ова не е праведно, а не е и вообичаена практика во Европската Унија. Во поголемиот број европски земји детската помош ја гарантира самата држава или локалната самоуправа. Во некои земји децата се издржуваат и преку посебни фондови или специјализирани агенции. Моделот што е во функција во Хрватска е преземен од некои американски сојузни држави и не е во духот на социјалните стандарди што се применуваат во Европската Унија, предупредуваат во Синдикатот на пензионерите.
Покрај тоа што овој закон го загрозува опстојувањето на пензионерите, тоа предизвикува и многубројни емоционални стресови кај членовите во семејството, на што посебно се изложени децата што ги носат траумите од постојаните семејни конфликти и караници, пишува „Слободна Далмација“.