Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли вели дека поделбата на Косово и размената на територии со Србија би претставувало газење врз суверенитетот на земјата и дека никој во Косово не сака ниту да размислува за таква дебата.

Шефот на косовската дипломатија, во интервју за Гласот на Америка (ВОА) рече дека „има многу други прашања кои треба да се решат со Србија“, пред воопшто да биде поставено на преговарачка маса едно такво прашање, какво што е размената на територии.

Пацоли интервјуто за ВОА го даде во Вашингтон, каде што присуствуваше на конференција на Стејт департментот на тема верски слободи.

На истиот настан учествуваше и српскиот колега на Пацоли, Ивица Дачиќ, кој за српските медиуми изјави дека Вашингтон „има нов, конструктивен однос кон проблемот на Косово“ и дека, за разлика од порано, „САД се подготвени да го прифатат дијалогот за изнаоѓање решение“. Дачиќ не одговори на новинарско прашањето дали тоа значи дека САД прифаќаат и поделба на Косово и размена на територии, како конечно решение на косовско-српскиот спор.

– Такво нешто не е расправано, но никој нема црвени линии во овој процес – рече Дачиќ.