Русија и достави на Србија 10 оклопни воени возила БРДМ-2 како дел од билатералната спогодба за засилување на српските воени сили, но останува нејасно како „подарокот“ бил транспортиран до Ниш.

Романските медиуми претходно соопштија дека Букурешт одбил да издаде дозвола за транзит на руското оружје кон Србија, поради санкциите на Европската Унија кон Москва. Според неофицијални информации, руските бродови кои го пренесувале оружјето преку Дунав, биле задржани во Романија. Бугарија, наводно, исто така го забранила транспортот на оружјето до Србија. Доставата на возилата била извршена преку воздушниот простор на Унгарија, според информациите на „Асошиејтед прес“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, посочи дека транспортот бил во согласност со меѓународното право, но на прашањето како возилата стигнале до српската база, истакна дека „тоа е нивна работа“.

Испораката на возилата претставува прва фаза од спогодбата помеѓу Србија и Русија, според која кај северниот сосед треба да пристигнат и 30 половни тенкови Т-72 и 20 други патролни возила.